• петок, 21 февруари 2025

Додик пред Судот на БиХ: Обвинителството на БиХ ја нападна институцијата претседател и институциите на РС

Додик пред Судот на БиХ: Обвинителството на БиХ ја нападна институцијата претседател и институциите на РС

Бањалука, 19 февруари 2025 (МИА) – Претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик денеска пред Судот на Босна и Херцеговина во Сараево изјави дека Обвинителството на БиХ, со покренување постапка против него, ја нападнало институцијата претседател и институциите на РС.

Давајќи го својот завршен збор во судскиот процес во кој му се суди за неисполнување на одлуките на високиот претставник во БиХ, Додик го обвини државното обвинителство дека го поткопува Уставот на Република Српска и со тоа го урива Уставот на БиХ, обидувајќи се, како што рече, да ги легализира „незаконските одлуки“ на високиот претставник Кристијан Шмит.

- Тие (обвинителите) треба да бидат тука наместо мене. Јас овде ја претставувам Република Српска, но се прашувам кого застапува Обвинителството, рече тој.

Тој му се обрати на судијата Сена Узуновиќ, велејќи дека може веднаш да го осуди на затворска казна и дека никогаш повеќе нема да се занимава со политика доколку му донесе само една одлука за назначување на Кристијан Шмит за висок претставник.

Тој повтори дека Шмит не бил легално избран за висок претставник, бидејќи неговиот мандат не бил потврден од Советот за безбедност на Обединетите нации, додавајќи дека Советот за спроведување на мирот во БиХ (ПИК) нема овластување да именува висок претставник во БиХ.

Тој додаде дека за него би било понижувачки да „клекне пред странец“, нагласувајќи дека со потпишувањето на указот за објавување на законите донесени од Народното собрание на РС, а потоа укинати од Шмит, тој само постапувал во согласност со Уставот.

Тој го нарече судскиот процес против него „класична злоупотреба“, додавајќи дека во политичката борба ќе оди до крај.

- Не се заканувам, но подготвен сум да одам до крај во политичка борба, рече Додик.

Во своите завршни зборови, Обвинителството на БиХ побара претседателот на РС, Милорад Додик и вршителот на должноста директор на Службен весник на РС, Милош Лукиќ да бидат осудени на затворски казни, да им биде забрането вршење јавна функција во траење од десет години и да престанат да ги извршуваат тековните должности.

Горан Бубиќ, адвокатот на Додик, побара ослободување на претседателот на РС, оценувајќи дека целта на судењето е да се елиминира Додик од политичкиот живот и да се отвори пат за централизација на БиХ.

По завршните зборови на обвинителството и одбраната, судијата има рок од три дена да изрече пресуда.

Додик и Лукиќ се обвинети за неспроведување на одлуки на високиот претставник, што според Кривичниот законик на БиХ предвидува затворска казна од шест месеци до пет години, како и забрана за вршење јавна функција. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан