• сабота, 21 декември 2024

Градежни активности во штипската населба Автокоманда, a ќе се гради и мега парк меѓу населбите Осми Ноември и Баби

Градежни активности во штипската населба Автокоманда, a ќе се гради и мега парк меѓу населбите Осми Ноември и Баби

Штип, 7 октомври 2024 (МИА) - Во тек е уредување на паркинг простор меѓу станбените згради на улицата „Широк дол“ во штипската населба Автокоманда. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција рече дека просторот се уредува на барање на граѓаните, а во моментов се поставуваат павер елементи, по што ќе биде осветлен  просторот и ќе се постави сигнализација. Тој најави дека во наредниот период ќе се уредат и влезовите на уште две станбени згради.

-Морам да повторам дека населбата Автокоманда ќе биде заокружена и со тоа што веќе се навлезени и екипите на ЈП „Исар“ за промена на водоводната линија на улица „ 4 јули“, штом се заврши промената на водоводната линија на оваа улица којашто е во рамки на населбата ќе се асфалтира истата улица и она коешто ќе ни остане како не направено и нешто коешто во иднина ќе се работи е улицата „Цвета Јованова“, која што ќе остане за во наредниот период, вели Јорданов.

Прашан за изградбата на новиот мега парк меѓу штипските населби Осми Ноември и Баби, Јорданов вели дека во текот на наредните недели ќе се распише тендер за прибирање на понуди за изградба на овој мега парк. Тој посочи дека паркот  „Иднина“ ќе има огромна површина, со зеленило, дрвја, места за одмор и релаксација, сето тоа распространето на 70.000 м2.

-Паркот ќе биде во непосредна близина на река Бергалница, од која природно ќе се создава водена површина во вид на езеро со големина од 5.600 м2. Ова ќе биде ново урбано место за нас и за идните генерации, споменик на природата, место каде ќе ја создаваме иднината и ќе креираме спомени, вели Јорданов. вдј/са/

Фото: МИА

Остани поврзан