• понеделник, 18 ноември 2024

Во Берово се одбележува Денот на Малешевскиот мед

Во Берово се одбележува Денот на Малешевскиот мед

Берово, 18 октомври 2024 (МИА) - На иницијатива од членовите на Здружение на пчелари на Малешевијата „МЕДЕН ДАБ” од Берово, денеска во двете основни и во средното училиште во Берово, се одбележа Денот на малешевскиот мед- 18 Октомври. 

Во рамки на настанот на учениците им беше поделен меден појадок и проспект за значењето на медот во исхраната и им беа презентирани, начинот на производство на мед и придобивките од оваа здрава намирница.  

- Исто така, учениците имаа можност да се запознаат со важноста на пчелите, за биодиверзитетот и можноста за развој на економијата во локалната заедница, информираа од гимназијата „Ацо Русковски“.

На настанот присуствуваше и градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски, кој нагласи дека Малешевијата е регион во кој пчеларството има долга традиција, а  медот е со  врвен квалитет. 

- Сето тоа е така поради природните предели со кои располага ова подрачје. Затоа овдешниот мед е разликува од медот кој што е произведен на друго место. Медот, кој го произведуваат пчеларите од нашиот  регион,  постојано се рангира на високи позиции, со највисок број на бодови, на различни натпревари во и надвор од државата, додаде Пекевски.

Организаторите на настанот ја повторија определбата за целта на денешниот настан.

- Целта е да се презентира  колку медот е хранлив и добар за здравјето и колку е пожелно граѓаните да го консумираат секојдневно и исто така децата да го вкусат медот, кој се произведува во нашиот регион и да научат дека Малешевијата е богата со здрава и квалитетна храна, додадоа од „Меден Даб".

Од здружението изразија надеж дека настанот од година во година ќе нуди поквалитетни содржини со вклучување на експерти од пчеларството кои во иднина ќе одржат предавања на оваа тема. вс/ цр


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан