• петок, 08 ноември 2024

Владите на САД и Ирак почнуваат разговори за иднината на американското воено присуство во земјата

Владите на САД и Ирак почнуваат разговори за иднината на американското воено присуство во земјата

Вашингтон, 25 јануари 2024 (МИА) - САД и Ирак наскоро ќе започнат разговори за иднината на американското воено присуство во земјата, според извори запознаени со ова прашање, а поради јавните повици од ирачката влада до САД да ги повлечат своите трупи, јави Си-Ен-Ен.

Разговорите ќе се однесуваат на завршување на мисијата на меѓународната воена коалиција во Ирак и нејзина замена со билатерални односи, изјавиле четири извори, што е чекор напред во процесот закочен од војната во Појасот Газа.

САД и Ирак минатото лето се согласија да формираат Висока воена комисија, според Пентагон, како средство за разговорите. Дискусиите меѓу американските и ирачките официјални лица, слично на работната група, ќе се фокусираат на следната фаза на коалицијата против терористичката „Исламска држава“ предводена од САД, при што терористичката група сега е сведена на сенка од она што порано била. Во дискусиите ќе бидат вклучени американски воени претставници и дипломати, изјавија официјални лица.

Амбасадорот на САД во Ирак Алина Романовски писмено му го пренела тоа на ирачкиот министер за надворешни работи Фуад Хусеин, соопштија три извори. Со тоа, САД се откажаа од условот дека нападите на проиранските милитантни групи врз американските сили во Ирак мора прво да престанат, велат изворите.

Ирачкото Министерство за надворешни работи потврди дека добило „важно“ писмо и дека премиерот внимателно ќе го разгледа. Се очекува разговорите да траат неколку месеци, ако не и подолго, а исходот е нејасен и не се очекува итно повлекување на американските трупи.

САД имаат 2.500 војници во Ирак кои ги советуваат и помагаат локалните сили да го спречат обновувањето на т.н.ИД, која зазеде големи делови од Ирак и Сирија во 2014 година пред да биде поразена. Во Ирак се стационирани стотици војници од европските земји како дел од меѓународната коалиција предводена од САД со цел да се борат против ИД. ссм/

фото: архива

 

Остани поврзан