Албанската полиција на граничните премини за шест месеци запленила непријавени 1,5 милиони евра
- Појавата албански граѓани, но и странски државјани, кои се обидуваат да внесат поголеми износи пари во земјата, но и да изнесат, а да не ги пријавуваат, е едно од кривичните дела кое бележи раст последните години.
Тирана, 3 јули 2023 (МИА) - Појавата албански граѓани, но и странски државјани, кои се обидуваат да внесат поголеми износи пари во земјата, но и да изнесат, а да не ги пријавуваат, е едно од кривичните дела кое бележи раст последните години.
Според статистиката на албанската полиција, во првите шест месеци од годинава граничната полиција запленила околу 1,5 милиони евра, најголем дел од овие случаи се откриени при влез на албанската територија.
Од контролите е докажано дека премини каде што поминале најмногу непријавени пари е меѓународниот аеродром во Тирана и пристаништето Драч.
Запленети се евра, долари, британски фунти и швајцарски франци.
Само во март, на граничните премини биле блокирани околу 520 илјади евра, што е најголема вредност во однос на другите месеци.
- Албанските државјани на распитот изјавуваат дека не знаеле дека ако со себе имаат над 10 илјади евра на граница, вредноста мора да ја пријават до надлежните органи. Дел од странски државјани, пак, одбиваат да дадат изјава во полиција за потеклото на парите. Во овие случаи, истражителите се сомневаат дека парите потекнуваат од криминални активности во странство и се наменети да се инвестираат во Албанија, наведува Ора њуз.
Вчера припадниците на граничната полиција во пристаништето Валона запленила 16 илјади евра скриени во автомобил на 37-годишен албански државјанин кој пристигнал со траект од Италија. вт/паг/
Фото: МИА архива