• четврток, 25 јули 2024

Азески: Од Владата бараме чесност во соработката и исполнување на ветеното

Азески: Од Владата бараме чесност во соработката и исполнување на ветеното

Скопје, 25 јули 2024 (МИА) - Од Владата бараме едно, чесност во намерите за соработка и партнерство, како и исполнување на тоа што е ветено - транспарентност во работата, борба против митото и корупцијата, градење систем на институции и стимулирање на бизнисот, порача денеска претседателот на Стопанската комора Бранко Азески. 

На настанот во Комората по повод 102 години од нејзиното постоење, Азески пред премиерот Христијан Мицкоски вети дека бизнисот ќе биде сериозен партнер на Владата и конструктивен партнер на државата.

-Ние сме професионална институција што ја интересира единствено добар и поволен деловен амбиент,  фирмите да остварат профит и да отвораат нови работни места. Тоа е консензусот за кој се залагаме години наназад, додека еден ден во септември 2022 година претседателот Мицкоски со голема делегација не дојде тука, не’ поддржа јавно пред медиумите и го потпиша првиот документ на нашата Декларација од 100-годишнината со кој се инсистираше во оваа држава конечно да се направи голем договор за давање приоритет на економијата во наредните 10 години. Со тоа полека политичките прашања да се тргаат на страна и да заземеме курс што е единствено можен, а тоа е да ги подигнеме личните примања и стандардот на граѓаните и на тој начин да се вклопиме таму каде што припаѓаме - на европското семејство, подвлече Азески.

По повод 102 години од постоењето, Комората ќе додели награди, а пред присутните се очекува да се обрати и премиерот Христијан Мицкоски. 

На настанот се и министрите за финансии, за енергетика, за транспорт и врски и за јавна администрација. мч/ац/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан