• петок, 22 ноември 2024

Пашоли: Членовите на Комитетот за односи меѓу заедниците се избрани на шверцерски начин, без присуство на пратениците од „Европскиот фронт“

Пашоли: Членовите на Комитетот за односи меѓу заедниците се избрани на шверцерски начин, без присуство на пратениците од „Европскиот фронт“

Скопје, 25 јули 2024 (МИА) - Пратеничката од „Европски фронт“ Арбана Пашоли денеска на прес-конференција реагираше оти на седницата на Комисија за прашања на изборите и именувањата, чија што точка на дневен ред беше избор на членови на Комитетот за односи меѓу заедниците, имало доставен материјал само на македонски јазик, а потоа откако побарале пауза од 30 минути за да се достави и на албански јазик, паузата била прекината порано и членовите на Комитетот биле избрани на шверцерски начин.

-Имајќи предвид дека материјалот на денешната седница беше доставен само на македонски јазик, како член на Комисијата и заменик координаторка и во име на пратениците на „Европскиот фронт“, побарав пауза за истиот да биде преведен и доставен на албански јазик. Ова е нешто кое што систематски се повторува. Претседателот на Комисијата даде пауза од 30 минути, но истата ја продолжи без да помине предвиденото време за пауза и без да добие потврда од пратениците на „Европскиот фронт“ за продолжување на истата. Како резултат на тоа, на шверцерски начин Комисијата ги избра членовите на Комитетот за односи меѓу заедниците, без присуство на нашите пратеници и без дебата, рече Пашоли.

Како што посочи Пашоли, од страв дека пратениците од „Европскиот фронт“ ќе се вратат, нивната дискусија заврши за неполни три минути.

-Едно постојано тело на Собранието, како што е Комитетот за односи меѓу заедниците, чија што работа се заснова на закон и кој треба да гарантира правилна застапеност на сите заедници, се избра на подмолен начин, ускратувајќи ни го правото на збор, додаде Пашоли.

Таа напомена дека „Европскиот фронт“ освен што го носи легитиметот на албанскиот глас со тоа што има најголем број на пратеници Албанци во Собранието, има и најголем број пратеници Турци. Рече дека ја изразуваат својата загриженост затоа што не се почитувал Законот за Комитетот, член 3 точка 4, кој на „Европскиот фронт“ му гарантира претставник на Турската заедница во Комитетот за односи меѓу заедниците.

-Ова не се случува првпат. Ние имавме реакции и на минатата седница на Комисијата за избори и именувања и веруваме дека ќе продолжиме нашиот став цврсто да го задржиме и на пленарната седница, додаде Пашоли.бт/дма/

Фото: принтскрин

Остани поврзан