• четврток, 07 ноември 2024

Комисијата за финансирање и буџет расправа за ребалансот на буџетот за 2024 година

Комисијата за финансирање и буџет расправа за ребалансот на буџетот за 2024 година

Скопје, 25 јули 2024 (МИА) – Собраниската Комисија за финансирање и буџет ја почна општата расправа за Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2024 година со кој вкупните приходи се планирани на ниво од 318,2 милијарди денари, а расходите на ниво од 362,8 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 2,1 процент, инфлацијата на ниво од 3,5 проценти, а буџетскиот дефицит на 4,9 проценти. 

Фатмир Битиќи од СДСМ рече дека во ребалансот се предвидува намалување на средствата што ги добиваат домашните компании преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции.

-Се плашам дека со тоа ќе се доведеме во состојба исплатата на средства за финансиска поддршка на домашните компании да се сведат на нула како што беше во 2016 година, рече Битиќи.

Тој посочи дека не се знае што ќе се случува со даночните ставки и затоа кажа дека ребалансот е крајно непромислена економска политика која ќе ја трансформира нашата економија во, како што рече, „Франкештајн“ економија. Со ребалансот, додаде, економијата ќе биде претворена во чудовиште составено од разнородни и неприродно споени политики.

-Наместо да се гради економија која обезбедува можности за сите, ќе гледаме заробен систем кој функционира само за привилегираните, и тоа со привилегии стекнати во четири очи. Наместо фискална консолидација, имаме тотална фискална деструкција. Со нарушување на буџетското правило за дефицитот и неговото зголемување од 3,4 на 4,9 проценти од БДП и зголемувањето на јавниот долг од 58 на 68 отсто, рече Битиќи.

Порача дека основните економски индикатори укажуваат на отсуство на  намера и способност земјата да се насочува кон стабилност и просперитет. 

Во реплика министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска му посочи дека им оставиле празен буџет за разлика од 2017 година кога СДСМ наиде на полн буџет.  

Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека ребалансот се прави на буџет кој беше зафатен со ураган од недомаќинско трошење кој бил креиран за само шест месеци, односно до изборите.

-Не бараме изговори, но граѓаните мора да знаат што се случувало. Буџетот бил поставен за шест месеци за да се има подобра стартна позиција за изборите. Намерно и тенденциозно не биле предвидени средства за сервисирање на еден куп обврски кои сега треба да се сервисираат со ребалансот. Ако не се случеше овој ребаланс на пензионерите нема да можеше да им се исплати една пензија зашто пензијата за декември 2023 година сте ја префрлиле во јануари, рече Стојаноски.

Нагласи дека нема да се купува мебел како што било предвидено во основниот буџет ама ќе се исплатат платите и пензиите и покрај „девастираниот“ буџет.

Елми Азири од коалицијата Европски фронт истакна дека со ребалансот се предвидува зголемување на јавниот долг на над 68 отсто што е спротивно со фискалните правила и додаде дека со него не се нуди прогрес и развој.

-Зголемувањето на јавниот долг го намалува кредитниот рејтинг, а со тоа ја оптоварува буџетската каса, рече Азири.

Посочи дека еден дел од пензиите со линеарното зголемување ќе се финансираат од долгови поради што дополнително се зголемува буџетскиот дефицит.

-Велиме дека државата е во долгови. Во исто време го зголемуваме јавниот долг и буџетскиот дефицит, а го намалуваме планираниот раст на економијата, посочи Азири.

Општиот претрес во Комисијата за финансирање и буџет за ребалансот на Буџетот трае најмногу три дена, а амандманската расправа шест дена. На десеттиот ден Комисијата гласа за ребалансот во целост. На предлог ребалансот се поднесени 58 амандмани.вј/дма/

Фото: Принтсркрин

 

Остани поврзан