• недела, 22 декември 2024

Зајкова: Промена на градоначалници со референдумско изјаснување на граѓаните

Зајкова: Промена на градоначалници со референдумско изјаснување на граѓаните

Битола, 22 ноеври 2024 (МИА) - Либерално демократската партија (ЛДП) предлага со референдумско изјаснување, граѓаните да може да изгласаат недоверба на избран градоначалник, истакна претседателката на ЛДП Моника Зајкова.

На панел дискусија организирана од Либерален Институт, вечерва во Битола Зајкова посочи дека во новиот Закон за локална самоуправа треба да има механизам за отчет на градоначалниците пред граѓаните.

-Ние сметаме дека треба да има механизам за отчет на градоначалниците пред граѓаните. Ваква можност постоела во законот за локална самоуправа од 1996 година, а е избришана со Законот за локална самоуправа од 2002 година. Добро е што сега се отвора темата затоа што претседателот на ЗЕЛС и министерот за локална самоправа најавија изработка на нов закон за чие донесување потребно е двотретинско мнозинство. Добро е да се искористи приликата со новото законско решение да се вгради механизам од кој градоначалниците нема да стравуваат, туку да се мотивираат да бидат што поотчетни кон граѓаните, истакна Зајкова.

Според универзитетскиот професор и дипломат Васко Наумовски, новиот Закон за локална самоуправа треба да обезбеди поголема одговорност на градоначалниците.

-Градоначалниците се меѓу ретките функционери чие отповикување е невозмножно. Прашањето е дали ние како општество сме подготвени за овој актуелен концепт на локална самоуправа да претрпи измени. Мислам дека сме во вистинско време низ дискусии да се дојде до подобар предлог кој во соработка со Владата ќе кулминира во Собранието со нов закон за поголема одговорност на градоначалниците, посочи Наумовски.

На панел дискусијата во Битола говореа и градоначалникот Тони Коњановски кој предочи дека  во духот на транспарентноста и интегритетот, секој градоначалник треба чесно да ја изработи доверената задача, поранешниот претседател на Советот на Општина Битола и потпретседател на ЛДП Валентин Груевски истакна дека референдумската смена на градоначалник да не се прави во првата или последната година од мандатот, додека Златко Милошевски, прв претседател на општинското Собрание, избран во 1991 година истакна дека иако времињата кога тој бил на чело на општината и денеска се различни, но одговорноста е голема и иста. мт/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан