• вторник, 24 декември 2024

Варнс: Успехот во борбата против корупцијата зависи од соработката меѓу надлежните институции

Варнс: Успехот во борбата против корупцијата зависи од соработката меѓу надлежните институции

Скопје, 22 ноември 2024 (МИА) – Изнаоѓање модалитети како дополнително да се зајакне соработката и борбата против корупцијата на трите клучни институции и нивното целосно усогласување на постапките и меѓусебната поддршка во таа борба е главна цел на денешната тркалезна маса „Соработка со институциите при борбата против корупцијата“ со претставници од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Државниот завод за ревизија (ДЗР) и Јавното обвинителство (ЈО), организирана од Амбасадата на САД, преку Програмата ОПДАТ на Министерството за правда на САД и УСАИД.

Заменик амбасадорката на САД Никол Варнс порача дека корупцијата не е нешто против кое може да се бориме сами и додаде дека успехот во таа борба зависи од соработката меѓу институциите. 

-Од корупцијата е погодена секоја земја, вклучувајќи ја и Северна Македонија. Тука соработката меѓу институциите е веќе постигната, но јавноста и понатаму чека значајни резултати. Корумпираните актери користат различни методи во попречувањето на правдата и за заплашувања насочени кон замолчување на укажувачите. Овие криминалци - предатори мора да одговараат, вашите граѓани го бараат тоа, но и го заслужуваат тоа, укажа Варнс во поздравниот говор на отворањето на тркалезната маса.

Таа нагласи дека е неверојатна глобалната цена на корупцијата и додаде дека Обединетите нации и Светскиот економски форум проценуваат дека одзема речиси пет проценти од светскиот БДП.

-Но, овој трошок не е само финансиски. Корупцијата ги решава младите од правото на глас, ја задушува економијата и социјалниот напредок и ја лишува Северна Македонија од потенцијалните придонеси. Борбата против корупцијата не е лесна, но присуството на сите институции кои се задолжени за борба против неа, овде денеска, е чекор кон градење на подобар систем на управување. Северна Македонија може значајно да се бори против корупцијата ако секоја институција одговорна за тоа е засилена и соодветно ангажирана и посветена, посочи Варнс. 

Јавниот обвинител Љупчо Коцевски порача дека решителните чекори што ги преземаат во борбата против корупцијата веќе даваат резултати и нагласи дека во ЈО веќе е почнат процесот на сериозна реорганизација на силите со цел да се овозможи соодветна динамика на кривичниот прогон и обезбедување на сите докази кои на крај ќе резултираат со ефективни пресуди. Истакна дека сторителите на кривични дела постојано го усовршуваат начинот на кој ги преземаат криминалните активности, ги менуваат каналите на комуникација и ги користат најсовремените технолошки алатки за да ги прикријат противправните дејствија. Затоа, додаде, мора да држиме чекор со нив, дури и да бидеме пред нив.  

-Во секој посериозен предмет во кој е утврдена противправно стекната имотна корист, особено во предметите по кои постапува Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ќе се спроведува детална финансиска истрага не само кон сторителите на кривичните дела, туку и на сите со нив поврзани лица, рече Коцевски.

Најави дека работат со полн капаците истражните центри во обвинителствата во Скопје, Тетово, Куманово и во Основното обвинителство за организиран криминал и корупција, а деновиве, како што кажа, ќе се објави оглас за нивно доекипирање и пополнување на сите испразнети места за истражители.

-Постојано расте бројот на истражните дејствија кои се преземаат во истражните центри, а расте и бројот на институции со кои има целосно дигитализирана директна размена на информации. Работиме на целосна модернизација на системот на посебни истражни мерки. Решени сме да ги користиме сите можности да ја поставиме на ново, уште поусогласено ниво нашата соработка со органите на правосудната полиција, но и со останатите институции како ДКСК и ДЗР со кои практично формиравме заеднички одговор кон сите што ги злоупотребуваат јавните финансии, посочи Коцевски и истакна дека е важна и меѓународната соработка, но и поддршка од медиумите и граѓанските организации.

Токму преку таа поддршка, како што рече, се обелоденети многу информации за корупциски скандали за кои веќе се оформени неколку големи предмети, а во следниот период се очекува уште повеќе да се зголеми бројот на вакви постапки.   

Претседателката на ДКСК Татјана Димитровска рече дека корупцијата го засега секој сегмент на општеството, а борбата против неа бара колективна одговорност, посветеност, координација и транспарентност. Системската и длабоко инкорпорирана корупција, како што кажа, го попречува развојот на општеството и инвестициите во инфраструктурата, образованието, здравството, животната средина.

-Наша заедничка цел е да ја зајакнеме меѓуинституционалната соработка, да го подигнеме нивото на одговорност и интегритет и да се спротивставиме на сите облици на корупција. Соработката што ја негуваме убедена сум дека ќе даде придонес и резултати со кои ќе се гордееме. Корупцијата ја плаќаме скапо, тоа се милијарди долари годишно како изгубени инвестиции кои значат и пропуштен развој на нашата држава, рече Димитровска и нагласи дека борбата против корупцијата е се позначаен приоритет за граѓаните.

Тесната и одржлива соработка меѓу ДКСК, ЈО и ДЗР, потенцира, е услов без кој не може да се зборува за успех во борбата против корупцијата. Без тоа, додаде, постојано ќе ја губиме битката со корупцијата и ќе имаме низок институционален интегритет. 

-Зајакнувањето на соработката и воспоставувањето на протоколи за соработка помеѓу нашите институции е еден од предусловите за ефективно и ефикасно спроведување на дејствија кои произлегуваат од законските надлежности и кои можат да дадат голем придонес во препознавање, спречување, докажување и санкционирање на корупцијата и судирот на интереси, рече Димитровска.

Според неа, ефикасното и координирано функционирање на ДКСК, ЈО и ДЗР е клучно за успешно справување со корупцијата.  

Помошникот на главниот државен ревизор Марина Блажеска рече дека корупцијата е еден од најголемите предизвици со кои се соочува секое општество поради тоа што продуцира големи финансиски трошоци кои подеднакво влијаат на развојот на земјата, институциите и благосостојбата на граѓаните. Борбата против неа, истакна, не е лесен пат, но со вистински инструменти и соодветни механизми и соработка може да се создаде подобар јавен сектор кој ќе ги постави интересите на граѓаните на прво место. 

-Врховните ревизорски институции со својот ангажман и мандат ја зајакнуваат институционалната рамка за борба против корупцијата иако откривањето на корупцијата не е нивна примарна цел. ДЗР има клучна улога во обезбедувањето на транспарентноста и отчетноста во управувањето со јавните средства и со својата работа обезбедува независна и објективна оцена за тоа дали средствата наменети за јавни цели се користат во интерес на граѓаните и согласно законите и прописите. Обезбедува и информации кои можат да помогнат во откривањето на потенцијалните случаи на злоупотреби и корупција и помага во создавање на механизми кои го намалуваат ризикот од злоупотреби на јавните средства, рече Блажеска.

Само преку интегриран пристап, порача, можеме да постигнеме резултати кои ќе доведат до значајно намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста и отчетноста во јавниот сектор. 

-Доставените барања од ДКСК и ЈО вообичаено ги земаме во предвид при подготвувањето на Годишната програма за работата на ДЗР. Се надевам дека уште повеќе ќе се продлабочи и интензивира меѓусебната соработка во борбата против корупцијата со воспоставување на процедури за упатување и споделување на наодите и постапување по нив, јакнење на капацитетите и изнаоѓање на поефективни механизми за размена на информации, посочи Блажеска. вј/ев/

Фото: МИА

 

Остани поврзан