• петок, 26 јули 2024

Австриска вечер на „Охридско лето“, соработката на Фестивалот со амбасадите во интерес на уметниците и на публиката

Австриска вечер на „Охридско лето“, соработката на Фестивалот со амбасадите во интерес на уметниците и на публиката

Охрид, 18 јули 2024 (МИА) – Австрија е голем поддржувач на Северна Македонија, двете земји имаат долгогодишна културна соработка. Австрија ќе ги искористи своите познанства и врски за зголемување на сорабоктата и поддршката на развојот на туризмот во Македонија. Тоа вечерва го изјави Евалд Коениг, потпреседател на Сојузот на стопанските комори за надворешна соработка и туризам и почесен конзул на Австрија во Македонија.

Коениг на отворањето на изложбата „Калиопе“ – Жените во општеството, културата и науката на Австрија и на Северна Македонија, организирана во соработка со „Охридско лето“, рече дека кога се работи за културниот туризам, можеби би требало повеќе да се работи на запознавање на австриските граѓани со се она што во текот на летната сезона се случува во Охрид, имајќи ги пред се културните настани и збиднувања во градот.

Изложбата во рамки на Австриската вечер на „Охридско лето“ е отворена во Малата сцена на Центарот за култура „Григор Прличев“. Станува збор за обид да се прикажат последните 200 години во светлина на биографиите за значајни Австријки, жени што со талентот, силата на волјата, храброста и борбеноста ѝ дале печат на својата земја и ја збогатиле. Со целосна свест за празнините, кои се делумно скандалозни, овде егземпларно ќе им се оддаде почит на нивниот живот и на нивните дела, кои сочинуваат најмалку половина од духовниот идентитет на Австрија.

Тука хронолошки се рекапитулираат животните приказни на аристократки, уметнички, домаќинки на салони, научнички, активистки за женските права, политичарки, актерки, музичарки, режисерки и други жени...

„Пасивното присуство на жените како објекти во уметничките дела на мажите ќе се промени кога храбрите жени ќе одлучат да станат активни уметнички учеснички. Со нивното присуство во уметничката сцена и преку нивните дела, за прв пат се претставува светот гледан од „женска“ перспектива и се пренесуваат нивните лични искуства на платно. Таа промена на парадигмата е видлива и во периодот на првите македонски академски уметници, каде жените пионерки имаа значајна улога во формирањето на траекторијата на современата македонска ликовна уметност. Катја Ефтимова, Кераца Николова, Лена Стефанова и Борка Аврамова стојат како примери на ова трансформативно движење. Со преминувањето на постoечките граници во свет доминиран од мажи, тие се етаблираат како пионери на современата македонска уметничка сцена...“стои во описот на содржината на изложбата.

Директорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ, и вечерва повтори дека соработката на Фестивалот со дипломатските претставништва на другите држави значајно придонесува за културата во земјата генерално, не само во рамки на „Охридско лето“.

- Секоја Амбасада, подржувајќи ги своите уметници и нивните настапи на „Охридско лето“, значи дека и наши уметници во иднина ќе можат да бидат гости на некој фестивал, неважно каде...рече таа.

Инаку, во рамки на Австриската вечер на „Охридско лето“ вечерва во „Света Софија“ целовечерен концерт ќе одржи жичаниот квартет „Арпеџо“ од Виена, во состав  Леонард Фурда и Јохана Лакроа на виолина, Ентони Гилберт на виола, како и Мара Ахлајтнер на виолончело, а дополнување ќе биде и уметничката Тина Жердин на харфа. аб/нд/

Фото: МИА

 

Остани поврзан