• петок, 08 ноември 2024

По осум децении света литургија во долнодримколскиот манастир „Свети Архангел Гавриил“

По осум децении света литургија во долнодримколскиот манастир „Свети Архангел Гавриил“

Дебар, 26 јули 2024 (МИА) - Во долнодримколскиот манастир „Свети Архангел Гавриил“, во присуство на повеќе стотици верници, по осум децении денеска се одржа Божествената архиерејска литургија, со која чиноначалствуваше епископот Антаниски г. Партениј.

-Чесни отци, високопреподобни, сепреподобни и преподобни монаси и монахињи, возљубени браќа и сестри. Денеска навистина станува голема радост на небото и земјата, и тоа слободно можеме да го исповедаме, бидејќи и го чувствуваме во своите срца, затоа што една голема светиња, каква што е оваа, посветена на Соборот на Светиот Архангел Гавриил, кој стои секогаш најблиску до Бога, после 80 години, еве, повторно заживува, рече меѓу другото во беседата владиката Партениј.

Потсети дека активностите околу расчистувањето на теренот и реставрационите процеси, започнаа во месец мај, но „благата вест, пак, за неговото обновување, уште од поодамна, во 2001 година, ја искажа нашиот многупочитуван митрополит, г. Тимотеј“.

- Имено, тоа се случи за време на возобновувањето на светиот манастир Рајчица, посветен на Светиот Георгиј Победоносец кој тогаш победа ни донесе, бидејќи беше особено тешко време, рече меѓу другото во беседата владиката Партениј. на осветувањето се обратил Неговото Блаженство, нашиот најдраг Архиепископ г.г. Стефан, а пак, на ручекот со свое слово се обрати нашиот високопреосвештен и свет Митрополит г. Тимотеј. Јас тогаш првпат слушнав за овој манастир, прв пат чув од владиката Тимотеј дека се наоѓа тука, кој изрази една голема желба, велејќи дека овој манастир недостасува во бисерот на светињите во западна Македонија. Но, како што вели Соломон: „Има време кога се руши и има време кога се гради“, па така дојде времето и оваа светиња полека - полека да почне да засветлува, посочи владиката Партениј.

Томе Пеев, кој всушност, максимално се ангажираше околу реставрационите процеси и расчистувањето на теренот околу манастирот, му изрази огромна благодарност на владиката Партениј, подарувајќи му надбедреник со ликот на архангелот Гавриил.

Литургијата се одржа со благослов на Неговото Високопреосвештенство митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, а на истата освен од Бигорската свештена Обител присуствуваа и  голем дел од свештенството на Дебарско-кичевската епархија.

Чувството на радост и восхит не моѓеа да го сокријат многубројните верници, посебно оние чии корени влечат од овој крај.

-Голема е радоста да се биде присутен овде, на ова древно место, на оваа прекрасна богослужба која се одржува после 80 години. За мене, како некој чии што корени се од селото Модрич, претставува посебна чест да сум дел од оваа голема сенародна прослава, за која копнееле нашите предци, изјави Никола од Скопје, по потекло токму од селото Модрич.

-Благодарен сум многу на архангелот кој ги благослови сите кои што во изминативе месеци работеа овде, на владиката Партениј со чиишто заложби ова се започна, како и на Митрополитот Тимотеј што ја даде неговата поддршка, со посебна радост изјави Илија, стар Модричанец кој беше присутен на денешната богослужба.

Сместен во длабочините на Дебарски или Долни Дримкол, оваа голема Светиња, како што велта од Бигорски манастир,  со векови била место на молитва и на духовно вдахновение и воздигнување, тврдина на верата и на културата во западниот крај на Македонија. Датира уште од ромејскиот период (пред 14 век), но остатоците од сегашниот храм се од почетокот на 20 век. Последната Света Литургија во него била отслужена во пролетта 1944 година од блаженоупокоениот јереј Милан Јовановски од село Модрич. вт/сст/ 

 

Фото: МИА

 

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан