• сабота, 23 ноември 2024

Втор ден расправа за Ребалансот на буџетот

Втор ден расправа за Ребалансот на буџетот

Скопје, 26 јули 2024 (МИА) - Расправата за ребалансот на буџетот треба да продолжи денеска во рамки на собраниската Комисија за финансирање и буџет откако вчера на првиот ден од расправата се обрати министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. 

Во своето експозе, министерката за финансии посочи дека ребалансот е скроен согласно затекнатите состојби во Буџетот и дека се обезбедени средства за се она што треба да се исплати согласно закон.

-  Со ребалансот обезбедуваме средства за сите оние и за се она што било предвидено со закон, а немало планирани средства, односно средства за вработените, пензионерите, студентите, компаниите, како и за плаќање на обврските по основ на камати, заеми и слично. Се обидовме и направивме максимални заштеди од се она што немаше динамика на реализација и средствата што стоеја неискористени. Од се она што претставува несуштински расходи, успеавме да најдеме заштеди од 20 милијарди денари и да ги употребиме онаму каде што беа потребни, рече Димитриеска Кочоска.

За пратениците од парламентарното мнозинство, ребалансот е за спас на државата затоа што средствата во Буџетот биле планирани само за првите шест месеци од годината и фалат пари за обврски што треба да се исплатат од страна на државата, додека оценката на опозицијата е дека ребалансот е скроен за да ги задоволи коалициските договарања и не се работи за никакво штедење затоа што од Буџетот треба да се исплатат најмалку 12 нови функционери од четирите нови министерства. 

Забелешки на ребалансот на буџетот имаат и од Судскиот буџетски совет и од државното Јавно обвинителство чии претставици вчера укажаа дека не смее да има кратење на средствата наменети за судската власт и за обвинителството, бидејќи, како што посочија, тоа ќе влијае на нивната автономија и на квалитетот и ефикасноста на правдата.

Во ребалансот на буџетот не се предвидени пари за зголемување на платите во здравството и образованието што го потврдија и министрите за здравство и за образование и наука. 

Од Сојузот на синдикати уште пред изборите побараа од новата власт зголемување на минималната плата на 450 евра. Вчера во соопштение до јавноста, посочија дека не ја гледаат оправданоста работодавачите да добијат пола милијарда евра поддршка од државата, а да не може да се зголеми минималната плата. 

- Не ја гледаме оправданоста работодавачите да добијат половина милијарда евра на поклон од државата (пари од кредитот и пари кои работодавачите не ги плаќаат во буџетот, а кои потоа ги враќаат и работниците и граѓаните), а Владата и работодавачите да имаат изговор за да не се зголеми минималната плата веднаш на 450 евра, како и да не се зголемат платите во приватниот и во јавниот сектор, велат од ССМ.

Општата расправа за Ребалансот на буџетот трае најмногу три дена, а амандманската расправа, за која се поднесени 58 амадмани, шест дена. 

Вкупните приходи во Ребалансот на буџетот се планирани на ниво од 318,2 милијарди денари, а расходите на ниво од 362,8 милијарди денари. Растот на БДП е проектиран на 2,1 процент, инфлацијата на ниво од 3,5 проценти, а буџетскиот дефицит на 4,9 проценти.

При усвојувањето на Ребалансот на буџетот од страна на Владата беа усвоени и неколку заклучоци на предлог на Министерството за финансии. Меѓу нив дека при склучување на колективните договори, буџетските корисници треба  да ги имаат предвид одобрените буџетски средства и да не преземаат обврски за кои немаат обезбедено средства во буџетот за тековната година, а јавните претпријатија и акционерските друштва во државна сопственост ќе треба да побараат мислење од Министерството за финансии. На ова реагираа од синдикат на УПОЗ од каде прашаа дали е на повидок суспендирање на колективните договори. бак/дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан