• вторник, 19 мај 2026

Отворена противпожарна станица за општините Теарце и Јегуновце

Отворена противпожарна станица за општините Теарце и Јегуновце

Тетово, 10 април 2026 (МИА) - Отворена е противпожарна станица за општините Теарце и Јегуновце, во близина на село Лешок на магистралниот пат Тетово-Јажинце. Со нејзиното пуштање во употреба значително ќе се намали времето потребно за во гаснење пожари и други интервенции во овој дел од Тетовскиот Регион. Против пожарната станица е дел од против пожарната бригада на Општина Тетово, а неа засега ќе ја опслужуваат 8 пожарникари од Тетово.

- Отворањето на оваа противпожарна станица е во рамките на нашиот проект за проширување на капацитетите на противпожарната единица од Тетово. Почнавме во општина Желино, а денес сме тука да ја промовираме оваа станица која ќе ги покрива општините Теарце и Јегуновце. И во иднина ќе продолжиме со оваа активност и очекуваме ваква против пожарна станица да се отвори и за Општините Боговиње и Брвеница, изјави градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами.

Барањето на жителите од општините Теарце и Јегуновце за отворање ваква станица е од многу одамна, бидејќи поради нивната оддалеченост од Тетово често се случувало против пожарните возила да стигнуваат до местото на пожарот со големо задоцнување. Токму затоа и градоначалникот на Општина Теарце Даут Мемиши и градоначалникот на Општина Јегуновце Димитар Костадиновски изразија голема благодарност до Општина Тетово и тетовската противпожарна бригада што направиле напор една ваква противпожарна станица да се отвори и за нивните општини.

- Ова е историски датум за општините Теарце и Јегуновце поради тоа што со години се трудевме да се отвори една ваква противпожарна станица со која ќе бидеме поблиску до граѓаните и побрзо ќе интервенираме. Засега оваа противпожарна станица ќе ја опслужуваат 8 пожарникари од Тетово, а ќе работи само преку ден. Очекуваме наскоро нејзино доекипирање за да може да работи 24 часови. Сега имаме на располагање две противпожарни возила, а наскоро ќе добиеме уште едно големо возило, изјави Авни Амети, командир на тетовската противпожарна бригада.ас/лв/

фото: МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан