• вторник, 24 декември 2024

Водата во Охридското Езеро е чиста и исправна за капење, спорт и рекреација

Водата во Охридското Езеро е чиста и исправна за капење, спорт и рекреација

Охрид, 26 јули 2024 (МИА) – Водата во Охридското Езеро е чиста и исправна за капење, спорт и рекреација. Тоа го покажуваат последните анализи спроведени овој месец од Центарот за јавно здравје Охрид. 

Испитувањата за проверка на санитарно-хигиенскиот квалитет на примероци од површинска вода покажуваат дека водата на македонската страна од крајбрежниот појас на Охридското Езеро е хемиски од прва категорија односно микробиолошки одлична.

Станува збор за примероци вода земени од триесет локации на потегот на крајбрежјето на езерото од Свети Наум до село Радожда.

Квалитетот на површинската вода од трите реки што се вливаат во Охридското Езеро од македонска страна (Велгошка, Коселска и Сатеска), во месец јули останува непроменет како и во претходниот период, односно реките се категоризираат хемиски на втора/трета класа, а микробиолошки на незадоволително, односно на петта класа. Согласно постоечката законска регулатива, трите претставуваат загадувачи на Охридското Езеро и потенцијална опасност за езерскиот еко-систем и за посетителите што ги користат езерските води за капење, спорт и рекреација во непосредна близнина на нивниот слив во езерото.

Високата моќ на самопрочистување на Охридското Езеро придонесува капалиштата, во најголемиот дел, да ги задоволуваат законските прописи и норми за површинска вода која може да се користи за капење, спорт и рекреација.

Од Центарот за јавно здавје во Охрид се апелира до посетителите на капалиштата и капачите да се придржуваат кон основните хигиенски норми и правила на однесување насочено кон зачувување на квалитетот на животната средина. аб/хс/

Фото: ЦЈЗ Охрид

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан