Промоција на романот „Патот до пеколот“ во Куманово
- Во просториите на НУЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово вечерва се одржа промоцијата на романот „Патот до пеколот“ од српскиот автор Боривоје Бора Живаљевиќ. Настанот привлече публика од различни возрасти, што го потврди интересот за современата книжевност и темите кои обработуваат суштински општествени предизвици.
Куманово, 11 декември 2025 (МИА) - Во просториите на НУЦК „Трајко Прокопиев“ во Куманово вечерва се одржа промоцијата на романот „Патот до пеколот“ од српскиот автор Боривоје Бора Живаљевиќ. Настанот привлече публика од различни возрасти, што го потврди интересот за современата книжевност и темите кои обработуваат суштински општествени предизвици.
Романот, како што нагласи авторот е силна посвета на младите и нивната борба со пороците. Живаљевиќ истакна дека мотивацијата зад книгата произлегува од желбата да предупреди на опасностите кои демнат во секојдневието на младите генерации.
-Ако успеам да спасам барем едно дете од тие пороци, тоа е мојата најголема животна награда, порача писателот, нагласувајќи го општествениот карактер на романот.

Македонската публика го доби романот преку преводот на Благојка Филипчева, која откри дека силно ја потресла содржината уште при првото читање во Белград.
-Ова е книга која допира до сите. Ја преведував цело лето и веднаш по издавањето ја добивме каталогизацијата во нашата библиотека, рече Филипчева, додавајќи дека чувствувала одговорност да ѝ ја приближи приказната на македонската читателска публика.
Промоцијата ја збогатија и читања од делови на романот, меѓу кои и интерпретацијата на Виолета Ачкоска. Таа посочи дека романот предизвикува силна емотивна реакција, отворајќи болни, но неопходни прашања.

Според Ачкоска, приказната за девојчето кое западнало во канџите на пороците е повеќе од индивидуална судбина, тоа е општествено огледало што поставува дилеми.
- Кој го носи товарот на вината, семејството, општеството или корумпираните поединци кои треба да заштитуваат, а не да уништуваат. Романот, како што потенцира, е моќна критика на распаднатиот систем што ги проголтува младите луѓе, изјави Ачкоска.

Живаљевиќ е основач и претседател на здружението на писатели „Дунавски венац“, член е на Друштвото на книжевници на Србија и активен организатор на повеќе книжевни манифестации. Зад себе има три поетски збирки и два романа, а неговите трудови се објавени во бројни регионални зборници и списанија, признати и наградувани.
Промоцијата во Куманово ја отвори можноста романот „Патот до пеколот“ да допре до поширока македонска читателска публика, особено до младите. ам/ац/
Фото МИА