Претседателот на Панама негира дека се согласил американски бродови бесплатно да минуваат низ каналот
- -Целосно ја отфрлам таа изјава од вчера, рече Мулино, додавајќи дека побарал од панамскиот амбасадор во Вашингтон да ја демантира изјавата на Стејт департментот.

Панама Сити, 6 февруари 2025 (МИА) - Панамскиот претседател Хозе Раул Мулино денеска ги негираше тврдењата на американскиот Стејт департмент дека неговата земја постигнала договор со кој на американските воени бродови им се дозволува слободен транзит низ Панамскиот канал.
Мулино рече дека вчера на американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, му соопштил дека не може ниту да одредува такси за транзит на каналот, ниту да ослободи некого од нив и дека бил изненаден од изјавата на американскиот Стејт департмент во која се наведува поинаку.
-Целосно ја отфрлам таа изјава од вчера, рече Мулино, додавајќи дека побарал од панамскиот амбасадор во Вашингтон да ја демантира изјавата на Стејт департментот.
Американскиот Стејт департмент денеска немаше коментар за новите изјави на Милино.
Администраторите на каналот соопштија дека се отворени за разговори за давање приоритет на американските воени бродови при преминување на каналот, но не рекоа дека размислуваат за укинување на патарините.
Контрадикторните тврдења доаѓаат само неколку дена откако државниот секретар на САД Марко Рубио се сретна со Мулино и администраторите на каналот и ја посети критичната трговска рута.
Рубио ја пренесе пораката на американскиот претседател Доналд Трамп дека влијанието на Кина врз каналот е неприфатливо.
Рубио му рекол на Мулино и дека Трамп верува дека присуството на Кина во областа на каналот може да биде прекршување на договорот од 1999 година со кој американскиот канал ѝ се врати на Панама. Тој договор бара постојана неутралност на каналот изграден од Америка.сд/
фото:МИА архива