Лукашенко: Не исклучувам обид на САД да предизвикаат политички конфликт меѓу Русија и Кина
- Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави дека не ја исклучува можноста САД да се обидат да предизвикаат политички конфликт меѓу Русија и Кина во текот на преговорите за Украина.

Минск, 21 февруари 2025 (МИА) - Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави дека не ја исклучува можноста САД да се обидат да предизвикаат политички конфликт меѓу Русија и Кина во текот на преговорите за Украина.
„Не знаеме што сакаат САД. Ова го велам затоа што сум апсолутно навлезен во овие прашања. Не знаеме што ќе бараат од Русите за да ја завршат војната итн. Ми се чини дека сега ќе се обидат да ги свртат Русите против Кинезите“, наведе Лукашенко, соопшти неговата прес-служба.
Тој порача дека Русите не смеат да го дозволат тоа.
Белорускиот претседател оцени дека на Белорусите ќе им биде тешко економски да се натпреваруваат со американските и европските компании доколку се постигне договор за нивно враќање на рускиот пазар, но посочи дека сите имаат потреба од прехранбени производи.
Кина изрази поддршка за иницијативата на американскиот претседател Доналд Трамп за постигнување договор со Русија за ставање крај на војната во Украина за време на состанокот на Г-20 во Јужна Африка, додека сојузниците на САД застанаа на страната на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Американската администрација вчера објави дека се согласила да ги продолжи разговорите со Русија за ставање крај на речиси тригодишниот конфликт, откако во Саудиска Арабија се одржаа 4,5 часа разговори. Русија наведе дека разговорите биле корисни, но ги заостри своите барања, особено инсистирајќи на тоа дека нема да го толерира приемот на Украина во НАТО. рп/
Фото: МИА архива