• петок, 21 февруари 2025

Песков: Не е точно дека баравме повлекување на трупите на НАТО од Источна Европа

Песков: Не е точно дека баравме повлекување на трупите на НАТО од Источна Европа

Москва, 21 февруари 2025 (МИА) - Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, денеска ги негираше романските тврдења дека Русија побарала повлекување на трупите на НАТО од нејзиното источно крило, особено од земјите кои се приклучија на Алијансата по 1997 година, вклучувајќи ги Полска, Унгарија и Чешка.

Говорејќи на брифинг со новинарите во Москва, Дмитриј Песков ја призна загриженоста на Русија за проширувањето на НАТО кон исток, но инсистираше на тоа дека такви барања не биле поставени.

Кристијан Дијаконеску, шеф на кабинет на романскиот претседател и советник за одбрана и национална безбедност, во средата тврдеше дека Русија го дала предлогот за време на состанокот со американски официјални претставници во вторникот во Саудиска Арабија, и дека американската делегација го отфрлила.

-Не, тоа не е точно, тоа не одговара на реалноста, рече Песков на прашањето дали Русија поднела такво барање.

Тој дополнително ја појасни позицијата на Русија по ова прашање, велејќи дека „нашиот став за воената инфраструктура на НАТО што напредува кон нашите граници е добро познат. Не е тајна дека сме загрижени поради тоа“, рече Песков.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан