Заврши примирјето: жестоки артилериски престрелки на авганистанско-пакистанската граница
- Нови борби избувнаа на границата меѓу Авганистан и Пакистан по истекот на привременото примирје, при што загинаа најмалку двајца цивили, соопштија талибанските власти.
Кабул, 26 март 2026 (МИА) - Нови борби избувнаа на границата меѓу Авганистан и Пакистан по истекот на привременото примирје, при што загинаа најмалку двајца цивили - соопштија талибанските власти.
Примирјето беше објавено по повод празникот Рамазан-бајрам.
Зиаур Рахман Спиенгар, претставник на авганистанската провинција Кунар, изјави дека пакистанските сили лансирале десетици артилериски гранати во реоните Нарај и Саркано. Авганистанските сили одговориле на огнот тврдејќи дека уништиле три пакистански воени пункта, иако овие наводи не се независно потврдени.
Тензиите ескалираа пред една недела по пакистанските воздушни напади во Авганистан за кои Кабул тврди дека погодиле болница за рехабилитација убивајќи над 400 луѓе. Пакистан ги негира нападите врз цивили,тврдејќи дека гаѓал склад за муниција. Дополнително, пакистанските талибанци, кои се сојузници со авганистанските, најавија продолжување на нападите во Пакистан. Исламабад го обвинува Кабул дека им дава засолниште на милитантите, што авганистанските власти децидно го негираат. ссм/мс/
фото: архива