Парламентарен самит на Кримска платформа: Русија е и ќе остане закана за НАТО и евроатлантската безбедност
- Претставници на делегации од Бугарија, Естонија, Португалија, Финска, Германија и Парламентарното собрание на НАТО денеска одржаа говори на Четвртиот парламентарен самит на Кримската платформа
Стокхолм, 24 ноември 2025 (МИА) – Претставници на делегации од Бугарија, Естонија, Португалија, Финска, Германија и Парламентарното собрание на НАТО денеска одржаа говори на Четвртиот парламентарен самит на Кримската платформа
Претседателката на Народното собрание на Бугарија Раја Назарјан во своето обраќање, го нагласи сувереното право на украинскиот народ самостојно да ја дефинира својата иднина и да ги одредува условите на мировниот договор. Таа додаде дека сегашната заедничка цел е мирен и одржлив развој на Украина и истакна дека нејзината реконструкција повеќе не е амбиција за иднината, туку сегашен избор што им служи на интересите и на украинскиот народ и на целата Европска Унија.
- Војната почна со нелегалната анексија на Крим во 2014 година, а не во 2022 година. Враќањето на окупираните територии е прашање не само на владеењето на правото, туку и на меѓународните правни принципи, рече таа.
Претседателот на Парламентот на Естонија Лаури Хусар предупреди дека историјата покажува оти отстапките направени кон Русија само поттикнуваат понатамошна агресија и нагласи дека секој договор мора да се фокусира на ставање крај на војната, обезбедување на иднината на Украина и давање веродостојни безбедносни гаранции. Тој заклучи дека сегашниот момент е одлучувачки не само за Украина, туку и за судбината на цела Европа.
- Европа да застане обединета и решителна, обезбедувајќи мирот да биде изграден врз храброста на Украина и да се потпира на правдата, законот и трајната безбедност. Ако територии можат да се добијат со сила, никој не е безбеден, нагласи тој.
Потпретседателот на Парламентарното собрание на НАТО и претседател на Собранието на Република Португалија Маркос Перестрело ја потврди доследната поддршка на Португалија за Украина и нејзината осуда на руската инвазија. Тој потсети дека Парламентарното собрание на НАТО покажа јасен став од самиот почеток на руската агресија: Тоа стана една од првите меѓународни институции што ја протера/отстрани руската делегација по окупацијата на Крим. Перестрело ги повика сојузниците, во име на Парламентарното собрание на НАТО, да го олеснат пристапувањето на Украина во НАТО.
- Не можеме да имаме илузии: Русија е и ќе остане закана за НАТО и евроатлантската безбедност, и секое потенцијално политичко решение мора да доведе до прекин на нејзиниот модел на агресивно однесување, рече тој.
Претседателот на Парламентот на Финска Јуси Хала-ахо изјави дека илузиите во врска со постапките на Русија мора да се отфрлат, нагласувајќи дека Европа треба да се фокусира на сопствената способност и подготвеност за дејствување. Тој предупреди дека долгорочната политика на Русија е опасна за Украина, а последователно ќе стане уште поопасна за сите други.
- Рускиот успех во Украина би испратил многу опасна порака до секоја друга земја дека агресијата е наградена од светот, рече тој.
Претседателката на Бундесратот на Германија Јулија Клекнер нагласи дека моралниот аспект на конфликтот е очигледен и изрази загриженост што некои влади ги доведуваат во прашање или ги забавуваат одлуките за санкции и снабдување со оружје за Украина. Таа изјави дека територијалниот интегритет и државниот суверенитет се непроменливи и ги повика оние земји кои зазеле поинаков курс да се вратат на масата на консензус.
- Европа нема да се поколеба и ќе продолжи со својата поддршка за Украина. Нашата задача сега не е да ја делиме Европа, туку да го зајакнеме нејзиното единство, нагласи таа. јт/ссм/
Фото: Кримска платформа