Ново силно невреме ѝ се заканува на Калифорнија, има жртви во поплави и свлечишта
- Американската сојузна држава Калифорнија, веќе погодена од обилни врнежи, ја очекува ново влошување на временските прилики за време на празниците, со ризик од дополнителни свлечиша и поројни поплави, соопштија денеска американските метеоролошки служби, додавајќи дека поради невремето без струја останале повеќе од 150 илјади корисници.
Лос Анџелес, 25 декември 2025 (МИА) – Американската сојузна држава Калифорнија, веќе погодена од обилни врнежи, ја очекува ново влошување на временските прилики за време на празниците, со ризик од дополнителни свлечиша и поројни поплави, соопштија денеска американските метеоролошки служби, додавајќи дека поради невремето без струја останале повеќе од 150 илјади корисници.
Како што јави Си-Би-Ес, локалните власти соопштија дека најмалку два смртни случаи во Калифорнија би можеле да бидат поврзани со тешките временски услови. Дождот предизвикан од силната бура над јужна Калифорнија почна да слабее, но во наредните денови се очекуваат нови поројни дождови.
Гувернерот на Калифорнија, демократот Гевин Њусом, прогласи вонредна состојба во окрузите Лос Анџелес, Оринџ, Риверсајд, Сан Бернардино, Сан Диего и Шаст. Предупредување за поплави е во сила долж брегот на Калифорнија, од границата со американската сојузна држава Орегон до Лос Анџелес, како и во централните делови на државата.
Метеоролозите предупредуваат дека новите обилни врнежи би можеле да донесат дополнителни 50 до 125 милиметри дожд, што ја зголемува опасноста од поројни поплави и лизгање на земјиштето, особено во подрачјата зафатени од минатогодишните пожари.
Во калифорнискиот округ Сан Бернардино, пожарникарите спасувале луѓе заробени во возила откако калта и одроните ги преплавиле патиштата, додека одредени куќи се поплавени, а на жителите им е наредена евакуација, пренесе Ен-Би-Си.
На северот на Калифорнија издадени се предупредувања за силен ветер и поплави во долината Сакраменто и областа на заливот Сан Франциско. Американската национална метеоролошка служба наведува дека нестабилното време, со силни ветрови и можност за торнадо долж централниот брег, може да се задржи и во наредните денови. јт/
Фото: ЕПА