МИА Општински пул
- 21 февруари 2025

Велес - Во Ликовниот салон во Велес синоќа беше отворена изложбата на академскиот ликовен уметник и професор Милош Милосављевиќ насловена „Балканска Геометрија“ на која се претставени 17 дела, масло на платно. Воедно во другата просторија на салонот е изложено и едно негово поголемо дело, а надвор од оваа изложба, насловено „Светите воини“ кое исто тако привлече големо внимание кај велешката публика. Оваа негова слика е инспирирана од фреска од манастирот Манасије кој е задужбина на деспотот Стефан Лазаревиќ и се наоѓа во околина на градот Деспотовац во Србија, а на неа се преставени Светите воини: Свети Никита, Свети Нестор и Свети Арсениј.
Милош Милосављевиќ по втор пат е со самостојна изложба во Велес по првата која беше во 2008 година кога беше отворен новиот Ликовен салон во Велес.Тој искажа задоволство што салонот уште е во репрезентативна состојба што како што забележа, некој домаќински се грижи за него.
Милосављевиќ информира дека оваа во Велес е негова 16 самостојна изложба,а циклусот кој го претставува е насловен „Балканска геометрија“ поради тоа што во секоја слика како главен мотив се јавува ѕидот.
-Ѕидот како една метафора за процеси на дезинтеграции, за поделби, односно сите процеси коишто се присутни на Балканот, а кои ги живееме во последните 30 години, а јас ги обликувам естетски. Покрај ѕидот доминираат и силуети од куќи што се карактеристични за овое простори. Самите мотиви се мој бунт против сите процеси коишто ни се случуваат. Ќе приметите дека сите тие ѕидови формираат една ситуација како што е промаја, мочуриште контејнер, куќа на ветрометина, надградба, периферија. Сето тоа се метафори за процеси коишто ги живееме. На пример ние на некој начин самите се имаме поставено да бидеме периферија на ЕУ. Што се однесува на промаите се нешто што е најкарактеристично за овие простори. Промаја е еден од ретките зборови коишто немат превод на англиски јазик, а што значи дека само ние можеме да го разбереме, а при тоа никој од нас не сака да биде на промаја или на ветрометина, потенцира Милосављевиќ.
Куманово - Екипите на јавното претпријатие „Чистата и Зеленило“ интензивно ги расчистуваат градските гробишта во пресрет на верскиот празник Задушница кој се одбележува во сабота. Надлежните од претпријатието ги повикаа граѓаните бесплатно да преземат пластични вреќи и да го складираат сметот во нив.
-Вреќите ќе бидат бесплатно достапни на портирницата на влезот на градските гробишта. Ангажиравме дополнителни екипи за расчистување на гробиштата во пресрет на празникот. Апел од граѓаните да го складираат сметот, да го остават до контејнерите, нашите екипи ќе го отстранат, изјави директорот на претпријатието, Ненад Стојановски.
По завршување на празникот во недела ќе бидат ангажирани дополнителни работници кои ќе го изнесат сметот и ќе ги расчистат површините на оваа локација.
Од СВР Куманово денеска информираа дека утре припадници на полицијата ќе го регулираат сообраќајот кон градските гробишта.
Скопје - Општина Центар преку новата интернет алатката Бизнис информатор нуди информации и услуги за сите компании, инвеститори, претприемачи и граѓани кои сакаат да се поврзат со услугите и ресурсите што ги нуди општината.
Овој информатор овозможува директен пристап до административни процедури, електронски услуги, стратешки документи и линкови до барања кои им се неопходни на бизнисите за нивен раст и развој.
„Бизнис информаторот е креиран со цел да обезбеди лесна и брза комуникација со деловната заедница, транспарентен пристап до услугите и документацијата на општината, како и административна поддршка за сите заинтересирани инвеститори,“ посочува градоначалникот Герасимовски.
За пристап до информаторот не е потребна најава, а услугите се отворени за сите заинтересирани. Корисниците преку оваа алатка имаат директен линк до електронските дозволи, урбанистички планови, инфраструктурни податоци, огласи, формулари, буџетски програми и јавни набавки.
Тирана - По повод одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, 21 февруари, Македонското друштво „Илинден“ - Тирана упати честитка до припадниците на македонското национално малцинство во Република Албанија, како и до сите Македонци ширум светот, порачувајќи дека „нема ништо поубаво од тоа да се пишува, твори и зборува на својот мајчин јазик“
-Нема ништо поубаво од тоа да се пишува, твори и зборува на својот мајчин јазик. Јазикот е непресушен извор кој треба постојано да се негува и пред сè да се зачува чистината на убавиот македонски збор. Македонскиот јазик е наше минато, сегашност и иднина, стои во честитката на друштвото.
Честитајќи ви го денешниот ден, стои понатаму, сакаме да го истакнеме значењето на образованието на мајчин јазик, бидејќи тоа е најважниот сегмент во негувањето на основните обележја на еден народ.
-Знаењето и негувањето на мајчиниот македонски јазик за децата од македонското национално малцинство во Република Албанија, значи и јакнење и зачувување на националниот и културен идентитет, со што нашите деца ќе бидат воспитани соодветно да ги негуваат своите културни и верски традиции. Тоа е најважниот сегмент во негувањето на основните обележја на еден народ, се додава во честитката.
Се посочува дека Македонците во Албанија ги има во четири етнички области: Голо Брдо, Мала Преспа, Гора, Врбник, како и во најголемите градови – Тирана, Елбасан, Драч, Корча, Билишта, Подградец, Скадар, Кукс, Берат, Либражд, Валона, Фиер, Патос.
Според друштвото бројноста на Македонците во Албанија е над 100 илјади но, за жал, во 21 век, ним статус на малцинство им е признаено само во Мала Преспа, каде имаат право на образование на мајчин јазик.
Потсетува дека веќе три децении од сите албански влади барале образование на мајчин јазик за децата од Голо Брдо, каде настава на македонски имало до педесеттите години од минатиот век, потоа во Гора, како и во другите делови каде концентрацијата на Македонците е поголема, но позитивен одговор нема.
Куманово - Во моментот, состојбата е стабилна и под контрола, нема новопријавени случаи на шуга во Центарот за јавно здравје Куманово, соопштија денеска епидемиолозите од јавната здравствена установа.
-Во Одделението за епидемиологија при ЦЈЗ Куманово, заклучно до овој момент не е пристигната пријава за нов случај на заболен од шуга кај ученицте од „Кирил и Методиј“ од Романовце. Епидемиолошката состојба се следи, стабилна е и е под контрола, немаме нов случај на заболен кај ученици од ова основното училиште, изјави д-р Едита Размизи од Центарот за јавно здравје Куманово.
Останува еден потврден случај на заболен од шуга, ученик од основно училиште од кумановското село Романовце. Епидемиолозите смируваат дека простор за паника нема, во училиштето се преземени сите мерки за дезинфекција.
Лани, на подрачјето на Центарот за јавно здравје кој ги покрива шесте општини од североисточниот регион имало 119 заболени, најчесто на возраст од 10 до 14 години, но имало и 22 заболени над 60 години. Најмалку заболени имало кај малите деца од две и пет години. Минатата година најмногу заболени имало во октомври, а најмалку во август. Болеста ги зафаќа сите слоеви на општество, без оглед на пол, возраст, раса.
Струмица - Вечер во кафе-барот „Нагоре“ во Струмица ќе се одржи Тивериополска филмска вечер проследена со пригодна проекција на две исклучителни дела кои биле дел од програмата на „Астерфест“-„Со кренати раце“ и „Уметноста на молитвата“.
Како што соопштија од „Астерфест“, филмот „Со кренати раце“ е во полска продукција, добитник на „Златна палма“ во Кан и е фиктивно пресоздавање на еден вистински настан од моментите пред и по снимањето на познатата фотографија на која се прикажани жена и дете со кренати раце.
„Уметноста на молитвата“, пак, е повеќекратно наградуван македонски филм, сниман на неколку континенти, кој успева на сликовит начин да ја допре уметноста на молитвата, покажувајќи ја убавината на медитативната тишина.
Авторите на овие врвни креативни филмови, Митко Панов и Стефан Шашков, ќе бидат специјални гости на мини панел-дискусијата насловена како „Авторскиот филм-од приказна до визуализација“.
Битола - Општинската организација на Црвен крст-Битола синоќа со свечена академија и со доделување на награди и признанија на институции и поединци, го одбележа јубилејот 80 годни македонски Црвен крст.
Свеченоста во Битола е дел од серијалот јубилејни манифестации и активности што ќе се заокружат на 18 март кога во Скопје ќе се одржи централната прослава, истакна генералниот секретар на Црвен крст на Северна Македонија, Саит Саити.
-Многу луѓе, многу чинители, многу фактори придонесоа за ликот на Црвен крст денеска. Големиот јубилеј го одбележуваме со посети на општините затоа што сметаме дека придонесот на локалните самоуправи и нивната поддршка за нас се големи. Битола е град на хуманитарците, на хуманите луѓе но и на една од најдобрите општински организации на Црвениот крст, истакна Саити на синоќешната свеченост во Битола.
Во знак на благодарност за сестраната поддршка на локалната самоуправа и градоначалникот Тони Коњановски, генералниот секретар на Црвен крст на РСМ, Саит Саити на Општина Битола и додели посебна плакета и благодарница.
Скопје - Поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа, без струја од 8 до 10 часот ќе бидат објектите во трговскиот центар Чаирчанка и корисниците на улиците „Стојна Стевкова“ и „Панче Неделковски“ во општина Чаир, соопшти Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје.
Од 10 до 15 часот струја ќе немаат и Пречиститилната станица во село Бразда и каменоломот на Гранит во Чучер Сандево.
Скопје - Поради изведување водоводен приклучок, без вода од 09:00 часот ќе бидат корисниците на дел од улицата „Васил Ѓоргов“ и трговскиот центар „Зебра“, информира ЈП Водовод и канализација - Скопје.
Водоснабдувањето ке биде прекинато до завршување на интервенцијата.