Лидерот на СИРИЗА бара од Мицотакис да ја повлече кандидатурата на Тасулас за шеф на државата
- Лидерот на СИРИЗА Сократис Фамелос го повика грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис да ја повлече кандидатурата на поранешниот претседател на Парламентот Константинос Тасулас за шеф на државата, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 6 февруари 2025 (МИА) – Лидерот на СИРИЗА Сократис Фамелос го повика грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис да ја повлече кандидатурата на поранешниот претседател на Парламентот Константинос Тасулас за шеф на државата, јави дописничката на МИА од Атина.
Изјава и барањето на Фамелос се и поради денешното трето гласање за претседател во Парламентот, на кое повторно ниту еден од кандидатите не го доби потребниот број гласови, но и поради, како што рече, новите информации што излегуваат во јавноста за железничката несреќа кај Темпи пред речиси две години во која загинаа 57 лица.
- Денешниот трет, неплоден процес на гласање за функцијата претседател на државата докажа дека јазот меѓу грчкото општество и господата Мицотакис и Тасулас сè повеќе се зголемува. По секојдневните шокантни откритија за криминалот кај Темпи и планот за прикривање, по широко распространетата недоверба на општеството кон Мицотакис, признавањето на Мицотакис дека истражната комисија за време на претседателството на Тасулас ја прикри вистината, но и со фактот дека во третото гласање Тасулас не наиде на широка прифатеност, го повикуваме Мицотакис да го повлече Тасулас од кандидат за претседател на државата, рече лидерот на СИРИЗА.
Дополнително објасни дека со повлекувањето на кандидатурата, ќе може нивната кандидатка, поранешната пратеничка и министерка од ПАСОК Лука Кацели, која е „натпартиска кандидатура да биде институционална гаранција за владеењето на правото и демократијата во Грција“. ср/сд/