• недела, 11 јануари 2026

Гостување на Бигорскиот хор во Виена

Гостување на Бигорскиот хор во Виена

Дебар, 19 декември 2025 (МИА) -  Дел од хорот на бигорското монашко братство, учествуваше во богослужбениот живот на нашата црковна заедница во Виена, Австрија, на покана на тамошниот парохиски свештеник, отец Јован Тодевски, информираше архимандрит Кирил.

Во храмот „Свети Наум Охридски“, покрај молитвеното, литургиско заедничарење, биле донесени на поклонение светите мошти од нашите духовни великани, свети Климент Охридски и свети Јоаникиј Ракотински, како благослов и утеха за верниците.

За време на четиридневниот престој меѓу нашинците во Виена хорот учествувал на вечерните и утринските богослужби, сослужувајќи заедно со архимандрит Анатолиј и јеромонасите.

- Домаќините, на чело со отец Јован, се покажаа како исклучително гостољубиви, грижејќи се евангелски за браќата и сведочејќи вистинско братољубие. Во неделата по воскресната Утрена и Светата Литургија, беше одржан пригоден псалтски настап, на кој хорот изведе богати, древни и умилителни песнопенија од неисцрпното предание на источната Црква, рече архимандрит Кирил.

Преку тие свештени мелодии, додава, на присутните им била пренесена молитвената атмосфера на бигорските празнични богослуженија и монашки бденија.

-Светите мошти, како и длабокото духовно заедничарење, донесоа голема радост, утеха и благослов за нашите иселеници во Австрија и претставуваа прекрасна можност за зацврстување на врските на мирот, единството и љубовта во Христа, нагласи архимандрит Кирил. вт/лв/


Фото: Бигорски манастир

Остани поврзан