Бегај: Проширувањето на ЕУ не може да се исполни без признавање на Косово
- Шефот на албанската држава Бајрам Бегај, на свечениот прием организиран од Амбасадата на Косово во Тирана, повика на „продлабочување на соработката меѓу двете албански држави и што поскоро членство во Европската унија".
![Бегај: Проширувањето на ЕУ не може да се исполни без признавање на Косово](https://mia.mk/images/20250215113453_big_730x400_95.webp )
Тирана, 15 февруари 2025 (МИА) - Шефот на албанската држава Бајрам Бегај, на свечениот прием организиран од Амбасадата на Косово во Тирана, повика на „продлабочување на соработката меѓу двете албански држави и што поскоро членство во Европската унија".
Тој изрази благодарност и почит до политичките лидери, борците на ОВК и сите Албанци „кои сонот за слобода и независност го направиле реалност“, поддржани од меѓународните сојузници и НАТО.
За време на поздравниот говор, Бегај оцени дека независноста на Косово е дел од темелот на мирот во регионот и како таква останува важен столб на европската безбедност.
Тој упати апел до Европската унија да ги олесни односите со Косово, како и земјите членки кои се уште не го признале да ги преиспитаат своите одлуки.
- Од стратешка гледна точка, проширувањето на Европската унија со нови земји и нејзината улога во обезбедувањето мир, развој и демократија на целиот континент не може да се исполни доколку има земји членки на Европската унија кои не ја признаваат најпроевроската држава - Косово, оцени тој.
Бегај упати честитки до косовските власти за постигнатото во овие 17 години, во функција на граѓаните и демократијата, поздравувајќи го и последниот изборен процес во Косово.
Тој рече дека „Албанија и Косово се две држави на еден народ, албанскиот“.
- Сакам да поттикнам поактивна и конкретна соработка, особено на економски план меѓу нашите две влади и институции, соработка која треба да ја надмине денешната политика и бирократските пречки и која носи повеќе размени и придобивки за граѓаните на нашите две земји. Изгубеното време мора да го добиеме во интерес на нашите граѓани и нашите заеднички цели за интеграција, стабилност и благосостојба, рече меѓу другото Бегај, објави АТА. вт/паг/
Фото: Кабинет на претседателот Бегај