Европските лидери ќе се сретнат за Украина в понеделник во Париз
- Францускиот претседател Емануел Макрон ги покани европските лидери на состанок во Париз в понеделник, изјави денеска во Минхен полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски, во време кога дипломатските иницијативи на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина ги загрижуваат партнерите на земјата.

Париз, 15 февруари 2025 (МИА) - Францускиот претседател Емануел Макрон ги покани европските лидери на состанок во Париз в понеделник, изјави денеска во Минхен полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски, во време кога дипломатските иницијативи на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина ги загрижуваат партнерите на земјата.
„Полскиот премиер Доналд Туск в понеделник ќе отпатува на состанок на европските лидери на покана на претседателот Емануел Макрон. Мора да ја покажеме нашата сила и единство“, напиша Сикориски на платформата X.
Француското претседателство спомена разговори меѓу европските лидери на неформална средба, без да се потврди датумот.
Високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност Каја Калас за утре закажа неформална средба на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ присутни во Минхен. Каја Калас рече дека на средбата ќе се разговара за резултатите од неодамнешните контакти со американски и украински претставници.
„Се наоѓаме во одлучувачки момент за иднината на Украина и Европа“, додаде таа. зш/