• четврток, 20 февруари 2025

ЕУ е подготвена да дејствува брзо за да ги олесни правилата за трошоците за одбраната

ЕУ е подготвена да дејствува брзо за да ги олесни правилата за трошоците за одбраната

Брисел, 18 февруари 2025 (МИА) – Европската комисија е подготвена брзо да даде предлози за олеснување на буџетските правила за да им се олесни на земјите-членки да ги зголемат трошоците за одбрана, изјави денеска еврокомесарот за трговија Валдис Домбровскис.

- Јасно е дека треба многу брзо да дејствуваме во однос на расходите на земјите-членки и поголема флексибилност. Очекуваме да работиме на модалитетите во наредните недели за да бидеме подготвени да дејствуваме брзо, истакна Домбровскис пред состанокот на министрите за финансии на ЕУ во Брисел.

Полска, која моментално претседава со ЕУ, на почетокот на месецот соопшти дека сегашното толкување оти инвестициите во одбраната се однесуваат само на опрема како што се тенкови и авиони е премногу ограничено.

Полскиот министер за финансии Анджеј Домански денеска изјави дека е уверен оти трошоците за одбрана може да се зголемат без да се наруши довербата во фискалните правила на ЕУ.

- Довербата е апсолутно клучна. Веруваме дека можеме да дејствуваме во рамките на правилата. Треба многу прецизно да ги опишеме за да можат земјите кои сакаат да трошат повеќе да го сторат тоа без да ги прекршат овие фискални правила. Европа треба да троши повеќе, ние треба да ја сфатиме нашата безбедност, нашата одбрана многу посериозно, истакна Домански.

Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен минатата недела изјави дека Комисијата ќе предложи одбраната да биде исклучена од правилата на ЕУ за ограничување на владините расходи. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан