Песков: Невозможно е решавање на украинскиот конфликт без да се разгледа паневропската безбедност
- Сеопфатно решение за украинскиот судир е невозможно без да се разгледа прашањето за паневропската безбедност, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков

Москва, 18 февруари 2025 (МИА) – Сеопфатно решение за украинскиот судир е невозможно без да се разгледа прашањето за паневропската безбедност, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
- Се разбира, сеопфатно решение, долгорочно решение, одржливо решение (во Украина) е невозможно без сеопфатно испитување на безбедносните прашања на континентот, истакна Песков по изјавата на американски официјални лица дека за Европска Унија нема да има место на преговарачката маса, но дека интересите на регионот ќе бидат земени предвид.
Тој додаде дека Украина, како суверена земја има право да се приклучи на ЕУ, бидејќи Унијата е економска, а не е воена заедница.
Песков посочи дека Москва „внимателно ќе следи“ дали Европа ќе формира заедничка армија.
- Сè уште не знаеме дали оваа армија ќе постои, не знаеме врз основа на која ќе биде создадена. ЕУ досега немаше заеднички одбранбен аспект. Но, што се однесува до долгорочните планови, се разбира, тие треба многу внимателно да се следат, да се проучат и да се донесат заклучоци, истакна Песков.
Тој повтори и дека претседателот на Русија, Владимир Путин е подготвен да разговара со украинскиот претседател Володимир Зеленски „ако биде потребно“.
Самиот Путин изјави дека е подготвен да преговара со Зеленски ако биде потребно. Но, потребна е дискусија за правната основа на договорот, имајќи предвид дека легитимноста на Зеленски може да биде доведена во прашање, посочи Песков. ми/
фото: МИА архива