• сабота, 22 јуни 2024

Јапонскиот император Нарухито ќе пристигне во Велика Британија, официјалната програма за посетата почнува во вторник

Јапонскиот император Нарухито ќе пристигне во Велика Британија, официјалната програма за посетата почнува во вторник

Лондон, 22 јуни 2024 (МИА) - Јапонскиот император Нарухито и неговата сопруга царицата Масако се очекува денеска да пристигнат во еднонеделна посета на Велика Британија, во рамки на која ќе бидат примени од кралот Чарлс Трети и ќе го посетат Универзитетот Оксфорд, каде што студирале, јавија светските агенции.

Ова е втора посета на двојката во странство по доаѓањето на Нарухито на тронот во 2019 година. Шеесет и четиригодишниот император и 60-годишната царица утре и во понеделник ќе имаат приватни ангажмани, а во вторник ќе почне официјалната три дневна програма за нивната државна посета.

Врвен момент ќе биде државниот банкет организиран од кралот Чарлс Трети во Бакингемската палата во вторник, што предизвика шпекулации за можното присуство на принцезата Кејт, сопругата на престолонаследникот Вилијам.

Принцезата е подложена на третман за рак и го имаше своето прво јавно појавување по шест месеци минатиот викенд на прославата на роденденот на кралот Чарлс Трети.

Императорот Нарухито, исто така, се очекува да го посети замокот Виндзор и да положи цвеќе на гробот на кралицата Елизабета Втора, која ја познаваше уште од студентските денови во Велика Британија и која почина во септември 2022 година. Царот и неговата сопруга присуствуваа на нејзиниот погреб, како и многу странски државници.

Со оглед на тоа што парламентарните избори во Велика Британија се закажани за 4 јули, во оваа фаза не е потврдена евентуалната средба со британскиот премиер Риши Сунак.

За кралот Чарлс Трети (75) оваа државна посета ќе биде трета на која тој е домаќин во Велика Британија откако седна на тронот. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан