Ѓорѓиевски: Арсовска да ги внесе приоритетите на скопските општини во Буџетот за 2025 година
- Градоначалникот на Општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, заедно со останатите градоначалници од скопските општини, денес учествувал на координативна средба со претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славевски.
Скопје, 18 декември 2024 (МИА) - Градоначалникот на Општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, заедно со останатите градоначалници од скопските општини, денес учествувал на координативна средба со претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славевски.
Како што е наведено во соопштението од Општина Кисела Вода, на средбата не присуствувала градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска.
-Средбата беше свикана во контекст на подготовката на буџетот за 2025 година, чија содржина, се крие не само од Советот на Град Скопје, туку и од сите граѓани. Градоначалниците на општините во Скопје се договорија до петок да достават приоритетни проекти за вклучување во буџетот за 2025 година, иако истиот не е транспарентно презентиран и Советот не е вклучен во неговото изготвување. Побараа поголема координација меѓу градските и општинските служби, за реализација на проекти од значење за граѓаните, се додава во соопштението.
На средбата било укажано дека немањето комуникација и транспарентност од страна на Градот создава хаос што ги засега сите жители на главниот град.
-Денес, заедно со колегите градоначалници од скопските општини го посетивме градот Скопје, односно претседателот на Советот Трајко Славевски за да го разгледаме предлог - буџетот за 2025 година и она што е план да се работи во годината што е пред нас. Арсовска да не се крие и да ги внесе приоритетите на скопјани во Буџетот за 2025, изјавил градоначалникот Ѓорѓиевски.
Тој информирал дека побарале и поголема меѓуопштинска соработка, за општините да можат да реализираат проекти на простор каде што надлежен е градот.
-Немањето координација од страна на градот е сериозен проблем кој ги засега сите скопјани. Единствено позитивно е што за седум месеци од сега, Скопје ќе биде спасено од овој хаос кој му се случува. Скопје повторно ќе биде горд град, посочил градоначалникот Ѓорѓиевски. дма/нд/
Фото: Општина Кисела Вода