• сабота, 18 мај 2024

Хамас објави дека еден од нивните воени команданти бил убиен во израелски напад

Хамас објави дека еден од нивните воени команданти бил убиен во израелски напад

Газа, 17 октомври 2023 (МИА) - Палестинското исламистичко движење Хамас денеска соопшти дека еден од нивните воени команданти е убиен во израелски напад во центарот на Појасот Газа, на единаесеттиот ден од војната во која илјадници луѓе од двете страни ги загубија животите.

Ајман Нофал, командантот на бригадата Ал Касим, вооруженото крило на Хамас, е убиен во „варварски ционистички“ напад врз бегалскиот камп Буреиџ, се вели во кусото соопштение.

Израелската армија се уште не ги коментира овие наводи.

Во текот на ноќта израелската армија тврдеше дека е убиен припадникот на Хамас, Осама Мазини, што Хамас не го коментираше.

Новата војна започна на 7 октомври кога Хамас изврши невиден напад на израелска територија од Појасот Газа под нивна контрола. Оттогаш повеќе од 1.400 луѓе загинаа во Израел, главно цивили, а во израелските одмазднички напади загинаа најмалку 2.750 луѓе во Појасот Газа, главно палестински цивили, меѓу кои и стотици деца, според локалните власти. паг/

Фото: МИА архива
  

 

Остани поврзан