Фицо се заканува со вето на новите санкции на ЕУ поради договорот со „Гаспром“
- - Ве молам, сфатете го ова крајно сериозно. Немаме директен пристап до терминали за течен природен гас. Може да се појават тесни грла и цените нагло да скокнат нагло, изјави шефот на словачката Влада.
Братислава, 26 јуни 2025 (МИА) – Словачкиот премиер Роберт Фицо денеска се закани дека ќе стави вето на следниот пакет санкции на Европската Унија против Русија, поради плановите на Брисел да се прекинат сите договори за испорака на руски гас од почетокот на 2028 година.
Фицо предупреди дека целосен прекин на увозот на руски гас би ѝ наштетил повеќе на Словачка отколку на Русија. - Ве молам, сфатете го ова крајно сериозно. Немаме директен пристап до терминали за течен природен гас. Може да се појават тесни грла и цените нагло да скокнат нагло, изјави шефот на словачката Влада.
Словачка има важечки договор за снабдување со руски „Гаспром“ до 2034 година, а Европската комисија сака договорот да го прекине врз основа на „виша сила“. Но, според Фицо, ова оправдување нема да се одржи пред меѓународен арбитражен суд, и државата би можела да се соочи со казни во вредност од милијарди евра.
Иако постојано ги критикува санкциите на ЕУ, Словачка досега гласаше за сите претходни пакети, за разлика од Унгарија. Во замена, како и Унгарија и привремено Чешка, доби изземање од одредени мерки. Но, тоа изземање треба да биде укинато со новиот пакет санкции.
Словачка, членка на ЕУ и НАТО која граничи со Украина, е една од најзависните европски држави од руските енергенси. ссм/
фото: архива