• вторник, 05 ноември 2024

Тринаесет министри за надворешни работи бараат Израел да ја прекина офанзивата врз Рафа

Тринаесет министри за надворешни работи бараат Израел да ја прекина офанзивата врз Рафа

Берлин, 17 мај 2024 (МИА) - Министрите за надворешни работи на 13 земји со писмо предупредија дека Израел не треба да почне голема воена офанзива во градот Рафа во Појасот Газа и бараат и поголема помош за палестинското население, објави денеска германскиот весник „Зидојче цајтунг“.

Писмото на четири страници, од 15 мај, адресирано до израелскиот министер за надворешни работи го потпишаа сите земји од Г-7 освен САД. Во него министрите го истакнаа правото на Израел на самоодбрана и ги осудија терористичките напади на Хамас и другите исламистички групи на 7 октомври минатата година.

Во писмото се повикува Владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху да направи сè што е во нејзина моќ за да ја ублажи разорната и продлабочена хуманитарна криза во Појасот Газа.

„Зидојче цајтунг“ посочува и дека шефовите на дипломатијата бараат Израел да ги отвори сите гранични премини кон палестинската енклава за испорака на помош, вклучително и преминот Рафа на границата со Египет.

Писмото го потпишаа министрите за надворешни работи на земјите од Г-7 – Германија, Франција, Велика Британија, Италија, Јапонија и Канада, како и нивните колеги од Австралија, Данска, Финска, Холандија, Нов Зеланд, Јужна Кореја и Шведска. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан