Опозицијата прифаќа да оди на предвремени избори, албанската коалиција на власт смета дека нема потреба од избори
- Опозициската СДСМ вчера порача дека е подготвена да оди на предвремени парламентарни избори, а предвремени избори посакува и ДУИ заедно со локалните во октомври следната година. Прашањето за предвремени парламентарни избори се отвори на првата собраниска седница посветена на пратенички прашања кога како одговор на лидерот на опозициската СДСМ, премиерот Христијан Мицкоски најави можност за вакво нешто. Од коалицијата „Вреди“ која е дел од владината коалиција, пак, сметаат дека предвремени избори би биле само трошок за државата и губење време, бидејќи имаат стабилно мнозинство, а избори ќе има на време, штом им заврши мандатот.
Скопје, 5 ноември 2024 (МИА) – Опозициската СДСМ вчера порача дека е подготвена да оди на предвремени парламентарни избори, а предвремени избори посакува и ДУИ заедно со локалните во октомври следната година. Прашањето за предвремени парламентарни избори се отвори на првата собраниска седница посветена на пратенички прашања кога како одговор на лидерот на опозициската СДСМ, премиерот Христијан Мицкоски најави можност за такво нешто. Од коалицијата „Вреди“ која е дел од владината коалиција, пак, сметаат дека предвремени избори би биле трошок за државата и губење време, бидејќи Владата има стабилно мнозинство, а избори, според нив, ќе има на време, штом им заврши мандатот.
Претседателот на СДСМ Венко Филипче вчера на прес-конференција изјави дека се подготвени да одат на избори и оти во секој следен циклус на избори ќе настапуваат многу организирано и поуспешно.
Според Филипче, тоа што има најава за предвремени парламентарни избори само неколку месеци по формирањето на Владата, е доказ дека на Владата не и оди најдобро.
- Нашата теренска анкета укажува дека 65 проценти од граѓаните не се задоволни од работата на Владата. Тоа значи дека двајца од тројца граѓани не се задоволни од економските политики, од падот на животниот, од нашиот европски пат. Исто така, тоа е и порака дека Влен и ЗНАМ очигледно имаат маргинализирана улога и практично преполовена поддршка, рече Филипче.
Конгресот на СДСМ е закажан за втората половина на овој месец, а на него треба да се избере новиот централен одбор, од кој ќе произлезе новиот извршен одбор и идното партиско раководство.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити, кој е дел од коалицијата Вреди, вчера во изјава за медиумите дека нема логика да се организираат предвремени парламентарни избори кога има стабилна Влада, мнозинство од 78 пратеници, кое, како што вели, наскоро ќе надмине и 80 пратеници.
- Од 90-тите досега немало постабилна влада и немало поголемо мнозинство од ова - 78 и тоа расте и сигурно за кратко време ќе надмине и 80 што е две третини од Собрание. Тоа е доволен коментар. За државата и за граѓаните кога имаш мнозинство од 80 пратеници непотребно е да се размислува за предвремени избори, бидејќи тоа е само трошок за државата и губење време, рече Меџити во одговор на новинарско прашање при посетата на депонијата Дрисла во Скопје.
Според него, организирањето предвремени избори не е добро, бидејќи најмалку шест месеци пред и после изборите запираат сите јавни набавки, вработувањата и изборните циклуси влијаат на економијата и на бизнисот.
На сличен став е и министерот за европски прашања Орхан Миуртезани, кој не гледа причина за нови предвремени избори заедно со локалните при стабилна влада.Според него, тоа се несериозни изјави од страна на ДУИ за дневна политика.
– Не гледаме никаква причина за избори имајќи предвид дека Владата има скоро двотретинско мнозинство. Прво, нема ниту еден потрес Владата, ниту една криза за да идните локални избори се одржат заедно со парламентарните, рече Муртезани за телевизија Телма.
Од Движењето ЗНАМ, кое исто така е дел од владината коалиција велат дека доколку мнозинството одлучи дека треба да има избори, тогаш тие се подготвени.
- Во политиката, доколку се случат предвремени парламентарни избори, заедно со локалните избори, повеќе од сигурен сум дека и ова што во моментот го имаат од СДСМ, како број на пратеници во Парламентот, ќе се намали драстично, што е добро за државата, бидејќи тоа е една пратеничка група која што всушност цело време со своите кандидатури бркаше самоамнестија и спас за самите себе си, не водејќи сметка за партијата, изјави претседателот на ЗНАМ Максим Димитриевски за телевизија Алфа.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети во петокот од Боговиње ја прифати идејата за предвремени парламентарни избори, а вчера од Куманово најави дека доколку загуби на изборите ќе се повлече од политиката.
Ова изјава на Ахмети доаѓа неколку дена откако коалицијата „Влен“ му порача дека ако тој навистина сака предвремени парламентарни избори, да депонира писмена гаранција дека кога ќе загуби, ќе си замине од политиката.
И од Алијанса на Албанците на Зијадин Села излегоа со став дека на земјата и се потребни предвремени избори.
- Со жалење ги следиме позициите на нелегитимната коалиција ВЛЕН кои се плашат од изборите дури и додека се дел од Владата и за апсурд се единствената политичка групација на која ситуацијата им изгледа нормална, додека сите други субјекти ја искажат потребата за предвремена избори заедно со локални избори, велат од Алијанса за Албанците.
Последните парламентарни избори се одржаа во мај по што новата Влада ја формираа ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата Вреди и Движењето ЗНАМ, а СДСМ и ДУИ заминаа во опозиција. вг/бак/
Фото МИА Архива