Преку Проектен форум Општина Василево ќе набави возило за собирање смет
- Според информацијата од Општината, низ четирите форумски сесии граѓаните на демократски и транспарентен начин, преку дискусии, најпрво утврдиле дека животната средина е сегментот во кој треба да се искористат средствата, кои изнесуваат 50.000 американски долари.

Василево, 22 јануари 2025 (МИА) - На синоќешната четврта форумска сесија граѓаните на Општина Василево со гласање одлучија набавка на возило за собирање на смет да биде проектот кој најмногу им е потребен, соопштија денеска од локалната самоуправа.
Според информацијата од Општината, низ четирите форумски сесии граѓаните на демократски и транспарентен начин, преку дискусии, најпрво утврдиле дека животната средина е сегментот во кој треба да се искористат средствата, кои изнесуваат 50.000 американски долари.
-Од првичните четири проекти селектирани беа три од кои на синоќешната седница, со консензус беше одлучено да биде набавен камион за собирање смет, со кој ќе се зголеми капацитетот на ЈПКД „Турија“ за решавање на проблемот со навремено собирање на сметот од населените места во Општина Василево, се наведува во информацијата.
Инаку, проектот се реалзира во рамки на Програмата „Зајакнување на општинските совети-фаза 2“, која ја финансираат швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа, а ја кофинансира и спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери. рт/са/
Фото: Општина Василево