• недела, 22 декември 2024

Захарова: Изборите во Молдавија беа најнедемократските од нејзината независност

Захарова: Изборите во Молдавија беа најнедемократските од нејзината независност

Москва, 5 ноември 2024 (МИА) - Руското Министерство за надворешни работи вчера соопшти дека претседателските избори во Молдавија, на кои победи проевропската претседателка Маја Санду, биле „најнедемократските“ во постсоветската историја на земјата.

Портпаролката на Министерството, Марија Захарова, рече дека исходот, во кој Санду обезбеди победа во голема мера благодарение на поддршката на Молдавците од дијаспората, откри „длабок јаз“ во молдавското општество.

„Не би било претерано да се каже дека ова беше најнедемократската изборна кампања во сите години на независноста на Молдавија. Ова е невидена репресија од страна на властите врз опозицијата и независните медиуми, пред се медиумите на руски јазик, и отворено мешање од Западот во изборниот процес“, објави Захарова на веб-страницата на министерството.

Таа додаде дека поларизацијата е предизвикана од „кусогледата политика на лидерите на земјата и очигледното мешање на Западот“.

Санду долго време ја осудува руската инвазија врз Украина и ја обвини Русија дека планира да ја собори нејзината администрација.

По првиот круг од изборите минатиот месец, таа се пожали на поткуп на гласачи да гласаат против неа и против членството на Молдавија во Европската унија на референдумот што беше усвоен со тесно мнозинство.сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан