• понеделник, 04 ноември 2024

Тренчевска од Куманово: Еднаков, инклузивен пристап и поголем опфат на деца во предучлишно образование е клучна цел

Тренчевска од Куманово: Еднаков, инклузивен пристап и поголем опфат на деца во предучлишно образование е клучна цел

Куманово, 21 март 2024 (МИА) - Еднаков пристап, инклузивност и поголем опфат на децата во предучилишно образование е целта кон која се стреми МТСП, информираше денеска, дополнителната заменичка министерка за труд и социјална политика Јованка Тренчевска која се приклучи на активноста „Реката убава мила, доколку е чиста поубава би била“ која ја организираше кумановската градинка „Ангел Шајче“, по повод Денот на пролетта и Светскиот ден на водите.

За Тренчевска, на овој начин децата уште од најрана возраст се учат за грижа кон природата. Во изјавата за медиумите таа потсети дека во Куманово во објектот „Детелинка“ се вложени околу 3,5 милиони денари за реконструкција и набавка на дидактички материјал, со што е овозможено 62 деца да се вклучат во предучилишно образование. Во село Младо Нагоричене, вложени се 2,4 милиони денари со опфат на 25 деца.

За МТСП, проширувањето на капацитетите е приоритет, кажа Тренчевска и потсети дека во „Синоличка“, е проширен капацитетот за дополнителни 32 деца. Тренчевска рече дека покрај инвестициите во инфраструктурата, посветени се и на менувањето на програмите за предучилишно образование и во вложување во социјално-емоционалниот развој на децата, имајќи предвид дека влијанието на предучилишното образование е значајно за понатамошното образование и за резултатите кои ги покажуваат децата во идното образование. Таа посочи дека и во идниот период ќе работата на зголемен опфат на децата и според неа таргетот е 70 проценти, опфат на деца од предучилишна возраст во градинките.

-Наша идна цел е во сите општини да овозможиме инклузивност во градинките и отворање на сензорни соби и инклузивни игралишта во сите 81 општина во државата. Во текот на 2024-та ќе отвориме 14 нови градинки кои се во тек на изградба. Дополнително, уште шест нови градинки ќе има во 202 година и тоа преку средства од проектот на Светска Банка во МТСП и преку буџетот на Владата и преку буџетот на МТСП. Сите овие 20 градинки ќе бидат отворени во 2024-та и 2025 година. За да овозможиме еднаков пристап на сите ќе се отворат градинки и во рурални средини, рече Тренчевска.

Таа најави дека ќе се јакне и поддршката на приватните градинки за да се прошири пристапот на предучилишно образование и да се олесни поголемо учество на жените на пазарот на труд. За денешната акција на кумановската градинка, Тренчевска кажа дека ги учи децата како да ја чуваат и сакаат природата и водата, да се грижат за нив.

- Учат и како да бидат идни лидери, кои ќе донесуваат одлуки и ќе се грижат за секој од нас, рече Тренчевска.

Билјана Чунгурска од „Ангел Шајче“ рече дека настанот „Реката убава мила, доколку е чиста поубава би била“ кој го организира установата има за цел да ги поттикне децата од најрана возраст да се грижат и да ја сакаат животната средина.

- Децата порачаа дека природата и водата треба да се чуваат, негуваат, воедно да ги поттикнеме на општествена одговорност во средината во која живеат и си играат, рече Чунгурска.

Градскиот кеј е одбран бидејќи тука децата поминуваат слободно вееме и треба уште од најрана возраст да се научат да ја сакаат природата. Децата од кумановската градинка „Ангел Шајче“ изработија, честитки, креации кои денеска беа изложени пред граѓаните со пораки за заштита на природата, а беше насадено цвеќе. ам/сст/

Фото: МИА



 
 

 

 

Остани поврзан