• недела, 19 мај 2024

Техничкиот премиер Џафери на увид во изградбата на канализациска мрежа и пат во Општина Боговиње

Техничкиот премиер Џафери на увид во изградбата на канализациска мрежа и пат во Општина Боговиње

Тетово, 18 март 2024 (МИА) - Техничкиот премиер Талат Џафери заедно со владини функционери и градоначалникот на Општина Боговиње ги посети местата каде се во тек градежни активности на канализациска мрежа за селото Боговиње и пат во Палчиште кој треба да биде ново поврзување на населените места со автопатот Тетово - Гостивар.

Според Џафери следењето на активностите се прави затоа што запознавањето на самиот терен и потребите е поинакво од она што може да доаѓа како извештај во кабинетите.

- Тука сме на точката село Палчиште, општина Боговиње, во надгледување на процесот на изработка односно на завршениот локален пат Палчиште автопатот кај село Гостивар, пат во должина од 1.700 метри којшто пат го поврзува селото со автопатот односно со новиот пат што ќе се гради на Коридорот 8 – магистралниот Тетово – Гостивар овозможува излез на тој патен правец, така што е од особено значење имајќи предвид дека претходно ова било локален пат за потребите секојдневни за земјоделство, неуреден, сега веќе опремен со сета инфраструктура и е во полза и во корист на самите граѓани коишто ќе претендираат овде и за секојдневните работи во нивите, па и за другите општи потреби по однос на поврзување со Тетово, односно Гостивар, истакна Џафери.

На средба во општината, рече, се разговарало и за другите проекти и предизвици за населените места.

- На местото каде се работи канализацијата во Боговиње можевме да го видиме текот на извршување на работите и секако претходно на средбата со градоначалникот, советниците и другите носители на функциите локални овде имавме можност да се запознаеме со проекциите, потребите, проблемите во секојдневието во работата и живеењето на граѓаните на општина Боговиње. Така што ова е идејата зошто продолжуваме да излегуваме оти запознавањето на самиот терен и потребите е поинакво од она што може да доаѓа како извештај во кабинетите и причината е да бидам на самото место во надгледување на овие процеси, нагласи Џафери.

Жител на Палчиште при прес-конференцијата побара надминување на проблемот со водоснабдување во селото, на што техничкиот премиер најави дека ќе се разгледаат можностите. ас/мч/

фото МИА 

Остани поврзан