• недела, 22 декември 2024

Столтенберг ја поздрави ерменската солидарност со Украина, Кремљ ја критикува посетата

Столтенберг ја поздрави ерменската солидарност со Украина, Кремљ ја критикува посетата

Ереван, 19 март 2024 (МИА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска ја поздрави ерменската солидарност со Украина, на крајот од својата тридневна посета на главните градови на јужнокавкаските држави, внимателно следена и критикувана од Кремљ.

Столтенберг денеска во Ереван го заврши тридневното патување на кое, покрај ерменскиот премиер Никол Пашинјан, се сретна и со лидерите на Азербејџан и Грузија.

На последниот ден од турнејата, Столтенберг ги повика Ерменија и Азербејџан да потпишат мировен договор по војната во Нагорно-Карабах, од која Баку излезе како победник. Лидерите на двете земји неодамна најавија дека се поблиску од кога било до постигнување договор.

-Ерменија и Азербејџан имаат можност да постигнат траен мир, рече Столтенберг во Ереван, пренесоа француските медиуми.

„Ги повикувам двете земји да најдат договор за да се отвори патот кон нормализација на односите“, посочи генералниот секретар на НАТО, додавајќи дека стабилноста на Кавказот „е важна и за евроатлантската безбедност“.

Кремљ ја критикуваше посетата на Столтенберг на регионот на Јужен Кавказ, поранешен дел од Советскиот Сојуз, велејќи дека обидите на НАТО да го зголеми своето присуство во областа нема да придонесат за нејзината безбедност.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека внимателно ја следат посетата на Столтенберг, но и дека „таквите контакти се суверено право на кавкаските земји“, пренесуваат британските медиуми. сд/

фото:НАТО

Остани поврзан