• среда, 17 јули 2024

Спасовски: Со законот за амнестија не се решава проблемот стратешки

Спасовски: Со законот за амнестија не се решава проблемот стратешки

Скопје, 7 октомври 2023 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски не сака да прејудицира каква одлука ќе донесе Собранието во однос на Законот за амнестија, но останува на ставот дека со законот не се решава стратешки проблемот. 

- Jас имам многу јасен став по однос на ова прашање дека промена на законско решение или носење на посебен закон којшто ќе овозможи амнестија на лицата треба да има некаква крајна цел. Ако целта е функционално да бидат растеретени казнено-поправните установи, тоа нема да се случи, затоа што според проценките на Агенцијата за извршување на санкции, станува збор за околу 260 лица и можеби за околу 400 лица кои би добиле намалување на казната. Имајќи го предвид бројот на лица кои се на издржување казна затвор и колку лица чекаат за извршување на санкцијата, може да се заклучи дека мора да се внимава околу стратешкиот пристап во однос на извршувањето на санкциите, изјави Спасовски за Дневникот на МТВ.

Како аргумент го посочува и фактот дека во првите осум месеци од годинава имало 500 повратници кои направиле нови кривични дела. 

Стратешкиот пристап, според Спасовски, се состои во градење нови затворски капацитети и ставање во функција на алките за пробација за да може дел од лицата да ја издржуваат казната во своите домови. 

- Не е стратешки пристап и не е во интерес на безбедноста криминални лица да се наоѓаат надвор од казнено-поправните установи, на улица затоа што имавме еден таков случај на закон за амнестија кога за многу кратко време, за скоро три месеци, завршија повторно како повторници пред се, на кражби, тешки кражби, разбојништва, нарушувања на јавен ред и мир. Во тој правец сметам дека апсолутно нема да се постигне никаква цел, рече Спасовски.

Во однос на илегалната миграција, Спасовски посочи дека за 50 проценти се намалени обидите за илегална миграција и зголемена е ефикасноста на МВР во откривањето на криумчари на мигранти. Според Спасовски, и соработката со „Фронтекс“ што започна во април, дава исклучително добри резултати во спречувањето на илегалните обиди и откривањето на криумчарењето мигранти. бак/вг/

Фото: Министерство за внатрешни работи

 

Остани поврзан