• недела, 22 декември 2024

Зибери: Во 2023 најмногу претставки до Народниот правобранител има од областа на правосудството

Зибери: Во 2023 најмногу претставки до Народниот правобранител има од областа на правосудството

Скопје, 17 јули 2024 (МИА) - Седницата на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците продолжува утре по денешната расправа за годишниот извештај на Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето, почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права за 2023 година.

Претходно, Народниот правобранител, Насер Зибери, ги презентираше главните констатации содржани во Извештајот.

Како што информираше Зибери, вкупен број на примени претставки до Народниот правобранител во 2023 година изнесува 2.802 од кои 54 се формирани по сопствена иницијатива. 

- Најголем број од овие претставки - 1.100 или 39,26 проценти се однесуваат на повреда на правата од страна на јавните служби и установи, 721 или 25,73 отсто се однесуваат на повреда на правата од страна на централната власт, 331 или 11.81 проценти на повреда на правата од страна на локалната власт, 258 или 9,21 отсто на повреда на правата од страна на судската власт, 190 или 6,78 проценти на повреда на правата од страна на правните лица, 139 или 4,96 отсто на повреда на правата од други субјекти и 63 претставки или 2,29 проценти се однесуваат за повреда на правата од повеќе органи или институции, образложи тој, дополнувајќи дека заедно со пренесените, канцеларијата постапувала по 3.328 предмети.

Зибери информираше дека и оваа извештајна година, најголемиот број на примени/заведени претставки се однесуваа за заштита на правата од областа на правосудството 488 или 17,42 проценти, потоа следат претставките од потрошувачките права 283 или 10,10 отсто,  од работните односи 267 или 9,53 проценти, од областа на детските права 231 или 8,24 отсто, од казнено-поправните и воспитно-поправните установи 166 или 5,92 проценти, од имотно-правната област 164 или 5,85 отсто, од финансиите и финансиското работење 152 или 5,42 проценти, од областа на заштитата на правата при полициски овластувања 141 или 5,03 отсто од урбанизмот и градбата 126 или 4,50 проценти, од граѓанските состојби и други внатрешни работи 123 или 4,39 отсто, од социјалната заштита 106, односно 3,78 проценти, од пензиското и инвалидското осигурување 100 или 3,57 отсто, од обвинителството 63 или 2,25 проценти, од недискриминацијата и соодветната и правична застапеност и здравствената заштита по 50 или 1,78 отсто, од станбените односи 28 или 1,00 процент, од високото образование и науката 24 или 0,86 проценти, од животната средина 21 или 0,75 отсто, заштита на правата на лицата со попреченост 19 претставки,  НП како Механизам за граѓанска контрола 19 претставки или 0,68 проценти, од постапување на НП како пријател на судот 14 претставки или 0,50 отсто, како и други права 167 или 5,96 проценти од претставките.

Најмногу констатирани повреди – 76, како што дополни, се во областа на правосудството, пред сè извршителите, 64 од областа на граѓанските состојби и другите внатрешни работи, 62 во областа правата на детето, 51 од областа финансии.

Што се однесува за општата состојба со почитувањето на човековите слободи и права Народниот правобранител во неколку области констатирал подобрување на состојбите, а во одредени области нотира стагнација или тенденција на влошување.

Како позитивни примери ги издвои решавањето на проблемот со запишување во матичната евиденција, со што за системот/државата голем број на невидливи лица станаа видливи, а со тоа добија можност за остварување на многу права - образование, вработување, лекување, социјална заштита и слично. 

Тој го нагласи и тоа што во собраниска процедура влегоа законските измени за решавање на сместување на женските деца упатени на издржување воспитно поправна мерка на начин што наместо во КПД/КПУ „Идризово“, како досега, истата ќе треба да ја издржуваат во ВДП „Волковија“, а се отпочнаа активности за ревидирање на позитивната листа на лекови на товар на Фондот.

Девојчињата што издржуваат мерка „упатување во Воспитно-поправен дом“, во несоодветни услови во КПУ Идризово, ќе бидат префрлени во ВПД-Тетово по обезбедувањето на кадровските услови, изјави

Стагнација и уназадување НП констатирал во работата на извршителите и која, според нив, и натаму им создавала проблеми на граѓаните.

- Иако во јули беа донесени измените на Законите за облигационите односи и за извршување. Имено, овие измени ни оддалеку не придонесоа за средување на состојбата во оваа сфера, туку напротив само дополнително внесоа забуна кај граѓаните, особено што извршителите и судовите едноставно одбиваа (и се уште одбиваат) да ги применат измените кои се однесуваат на застареноста на извршувањето, со едноставно оправдување дека не постои основ за запирање на извршувањата за кои изминал рокот од 10 години, сметано од моментот на поднесеното барање за извршување, рече Зибери. 

НП забележа дека никакви позитивни поместувања не се забележани ниту за граѓаните кога водат постапки пред управните судови иако со новиот Закон за управни спорови (донесен пред околу пет години) беше најавено сосема спротивното. 

Област каде што нема никаков напредок, според НП, се и условите во затворите кои, како што рече Зибери, и натаму се крајно нехумани, деградирачки и под секое човечко достоинство, а здравствената заштита на овие лица и покрај бројните укажувања на народниот правобранител, за жал останува непромената, особено кога станува збор за користење на услугите на терциерното здравство, односно лекувањето надвор од установата. 

- Исто така, државата ниту во 2023 година не ја исполни обврската за обезбедување на образовен процес за штитениците од ВПД Волковија Тетово. Сметам дека и тука мора итно да се преземат мерки штитениците да добијат континуирано образование од причина што само така на овие деца државата ќе им овозможи да се вклопат во општеството (да си го дооформат образованието и потоа да си најдат работа) а не истите народниот правобранител после неколку години да ги наоѓа во некој од затворите низ државата, рече тој.

Во однос на детските права, Зибери посочи дека Република Северна Македонија има сериозен проблем со присутната сегрегацијата на учениците Роми, за што е донесена пресуда и од Европскиот суд за човекови права против државата, но и минатата  учебна година оваа негативна појава е констатирана повторно, во истите основни училишта, во Битола и  во Прилеп.

- Како институција која се залага за примена на начелото на недискриминација, еднаквост на децата и почитување на најдобриот интерес на детето како значајни начела на Конвенцијата за правата на детето, сериозно не загрижува податокот дека родители од друга припадност бараат отпишување на своите деца  од училиште каде што има поголем број ученици Роми со цел нивно запишување во училишта каде што нема или пак, каде што бројот на ученици Роми е незначителен, рече тој.

Како што дополни, загрижува и тоа што државата и во извештајната година не го обезбеди уставно згарантираното правото на образование на мајчин јазик за учениците Албанци во две основни училишта во Скопје и едно средно училиште во Велес, поради одбивање на раководните структури на училиштата и локалните власти за нив да оформат паралелки.

Како загрижувачки ги наведе и податоците за присуството на меѓуврсничкото насилство/булингот во училиштата.

Во проектот „стоп против питачење“ за седум месеци отстранети се вкупно 2 160 питачи и чистачи на автомобилски стакла на територија на Град Скопје, вели Илија Јовановиќ од невладината организ

Тука го спомена и проблемот со децата на улица кои питачат, а кои заради тоа се надвор од образовниот систем и со тоа им се става под знак прашање нивниот развој и нивната иднина од причина што сите сме свесни дека без образование никој и не може да си обезбеди егзистенција.

- Оттука сметам дека државата мора да изнајде системско решение тие да се заштита и да се тргнат од улиците, да се работи на изнаоѓање на решение за вработување на нивните родители, а дневните центри во кои тие се згрижуваат да се зајакнат од секаков аспект-стручен, материјален, технички, нагласи Зибери.

Го нагласи и проблемот со тоа што немаше печатени учебници за сите наставни предмети.

Зибери информираше дека граѓаните во извештајната година со потешкотии ги остварувале и правата во областа на социјалната заштита, посебно во делот на обезбедување на правото на помош и нега од друго лица поради ненавременото доставување на наодите и мислењата од лекарските комисии, како и недоволно ефикасната комуникација помеѓу Министерството за труд и социјална политика, Центрите за социјална работа и управното судство.

Зборуваше и за енормното зголемување на бројот на претставките во областа граѓански состојби - проблемите со вадењето на  документите за лична идентификација при што нагласи дека идната влада треба сериозно да размисли за надминување на овој проблем со плаќањето на средствата за промена на личните карти.

Значителен број на претставки НП забележува и во областа работни односи каде граѓаните најмногу реагирале на постапките за исплата на плати и други надоместоци, потоа на постапката за вработување, постапките за права од работен однос во јавната администарација, неосновано поведување на дисциплинска постапка, постапката за избор и разрешување на јавни функции и должности како и постапките за права од работен однос кај приватен субјект, за кои Народниот правобранител нема директна надлежност.

- Исто така, продолжи  и трендот на зголемување на бројот на поднесените претставки во областа финансии, при што нема промени во основот на кој се жалат граѓаните. Имено, Управата за јавни приходи, Градот Скопје и општините во постапките за присилна наплата им ги блокираат трансакциските сметки на граѓаните во банките и ги оставаат без средства за егзистенција, рече Зибери.

Во извештајната година граѓаните се жалеле и во областите урбанизам и градба, посебно на непостапувањето на инспекциите, потрошувачките права, високи фактури за потрошена електрична енергија, за проблемите кои ги имаат во сферата на пенизиското и инвалидското осигурување, здравствената заштита и слично.

Зибери ја искористи можноста да ги запознае пратениците со проблемот со кој се соочува институцијата Народен правобранител, односно  предложените  измени и дополнувања на Законот за народниот правобраните-поднесени од група пратеници со кои ќе се овозможи Народниот правобранител да се стекне со статус А  - Национална институција за заштита на човековите слободи и права, што  произлегува и од повеќе меѓународни документи.

- Искрено се надевам дека новиот парламентарен состав ќе се одважи и ќе ги донесе овие измени кои на институцијата ќе и овозможат да стане Национална институција за заштита на правата на граѓаните, рече тој. 

По обраќањето на Зибери, претседателот на Комисијата, Љупчо Пренџов, зема збор и го нагласи фактот што во салата нема присутни пратеници од Социјалдемократскиот сојуз.

Пренџов се согласи во однос на делот со детските права и правата на Ромите, како предизвик кој што рече дека мора да се надмине во иднина.

Тој се осврна на повеќето домени каде што НП утврдил стагнација или уназадување, како што е правосудството, а во врска со Воспитно-поправните установи потенцираше дека изминатите години имало пари за реновирање на затворите.

Дополни дека работите нема да продолжат како до сега, а следниот извештај, како што рече, ќе констатираат подобрување во одредени сфери.

Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека извештајот, како што рече, е „еклатантен доказ за кршење на елементарни човекови права од страна на неспособни институции“.

- Се надевам дека наредната година ќе зборуваме за начини на решавање, рече тој.

Повеќе пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, исто така, се јавија за збор и изразија загриженост за наводите во Извештајот, при што забележаа дека, според нив, тоа е последица на неодговорното работење на претходната власт. Тие се осврнаа на повеќе делови од Извештајот со најголем фокус на правосудството и казнено-поправните установи.

По работа од три часа, претседателот на Комисијата информира дека расправата ќе продолжи утре во 12 часот. ар/ев/

Фото:МИА архива 

Остани поврзан