• сабота, 23 ноември 2024

Средба на министерот Перински со градоначалниците од Пелагонискиот плански регион

Средба на министерот Перински со градоначалниците од Пелагонискиот плански регион

Скопје, 17 јули 2024 (МИА) - Во серијата состаноци со градоначалниците, министерот за локална самоуправа Златко Перински денеска имал работен состанок со градоначалниците од Пелагонискиот плански регион. До крајот на месецот, како што најави тој, ќе оствари средби со сите градоначалници, бидејќи смета дека директните разговори се најдобриот начин да се запознае со состојбите во општините, со проектите што се реализираат, но и со отворените прашања на чие решавање интензивно ќе се работи заедно. 

Од Министерството за локална самоуправа соопштија дека на средбата министерот Перински истакнал дека општините и планскиот регион треба да ја интензивираат работата за поефикасно финализирање на започнатите проекти и брзо да ја комплетираат проектната документација за нови проекти што ќе бидат финансирани од Владата во наредниот период.

- Средства ќе бидат обезбедени, потребни се добри проекти и подготвеност од страна на општините за нивна ефикасна и квалитетна реализација. Министерството за локална самоуправа ќе обезбеди поддршка во текот на целиот процес, но исто така ќе врши и комплетен надзор над изведбата и на трошењето на наменските средства, рекол министерот Перински.

На состанокот било истакнато дека соработката меѓу двете нивоа на власт ќе биде интензивирана заради решавање на сите отворени прашања за подобро функционирање на општините.

- Услугите за граѓаните се на прво место и секој предлог или забелешка од локалните власти, но од сега и од граѓаните кои ќе можат директно да комуницираат со Министерството, ќе бидат сериозно разгледувани и во соработка со другите надлежни министерства ќе ги решаваме на најефикасен можен начин, рекол Перински на состанокот со градоначалниците од Пелагонискиот плански регион.

Градоначалниците од овој регион, се наведува во соопштението, истакнале дека се подготвуваат со проекти да конкурираат за поддршка.

Од инфраструктурните проекти биле посочени изградба на нова улица и мост во Прилеп, пат во село Јакреново во Крушево, доизградба на доводен цевковод за водоснабдување во општина Могила, изградба и реконструкција на канализациска мрежа од шест километри и водоводна мрежа од 10 километри во Битола и други. цр/хс/

Фото: Министерство за локална самоуправа

 

Остани поврзан