• недела, 28 април 2024

Спасовски: Разбиена криминална група, кривични за сите 16 лица од кои се уапсени седум (видео)

Спасовски: Разбиена криминална група, кривични за сите 16 лица од кои се уапсени седум (видео)

Скопје, 25 јануари 2024 (МИА) - До Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција денеска ќе биде поднесена кривична пријава против 16 лица кои се сомничат за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, убиства и обиди за убиства. Седум од нив се веќе уапсени, а и останатите, кои се надвор од земјава, ќе бидат лишени од слобода, соопшти вечерва министерот за внатрешни работи Оливер Спасовск.

Се работи за Ш.М. (46), Д.И. (50), Ф.Б. (45), Б.А. (44), Р.С. (41), С.А. (44), М.Ч. (27), С.С. (36), Ш.А. (27), Ш.Б.(20), Н.И. (44), Е.И. (25), Ф.С. (43), Ш.С. (40), М.Д. (41) и О.П. (43). Сите биле членови на меѓународна организирана криминална група, а ги предводел Ш.М. од село Грчец, заедно со веќе починатите О.Б. и Ј.К., од декември 2019 до март 2021 година, за што се обезбедени докази. Во овој период, групата организирала транспорт на 435 килограми кокаин во земјава од Бразил.

Според Спасовски, организираната крмининална група била формирана за вршење убиства од одмазда и по порачка од користољубие. Организаторите создавале планови и одлучувале кој, кога и како да биде лишен од живот, а плановите ги спроведувале лично или преку организираната криминала група. Организираната криминална група делувала на меѓународно ниво, организирала набавка на кокаин од јужноамерикански земји и пренесување до земјите на ЕУ, а дел бил наменет и за наркопазарот во земјава. 

-Како резултат на денешните активности и извршените претреси на 20 локации во Скопје, во село Грчец и други места, шестмина од пријавените се лишени од слобода, дел подолго време престојуваат надвор од земјава, а едно лице, Р.С., е веќе лишено од слобода во Шпанија. Знаеме каде се останатите лица кои подолго време престојуваат надвор од земјава и тие ќе бидат лишени од слобода. Имаме детална соработка со ЕУРОПОЛ, продолжуваме понатаму со активностите, истакна Спасовски.

Според него, при претресите се запленети голема сума пари, луксузни автомобили и други вредни предмети.

Спасовски оцени дека ова е една од можеби најзначјаните истраги со која финишира целосното разбивање на криминалните групи кои делувале повеќе од 30 години на тероторијата на Град Скопје.

-Од досега спроведените мерки е утврдено и документирано дека оваа организирана криминална група, во горенаведениот временски период, организирала две набавки и транспорти на кокаин од латиноамериканските држави до земјите од Европска унија и Република Северна Македонија и тоа, транспорт на 435 килограми кокаин набавен од групата во Бразил, Јужна Америка,  и транспортиран по воден пат до пристаништето до Антверпен, Кралството Белгија, која количина е запленета од страна на царинските службеници во Антверпен, при што  дел од наведената количина требало да заврши на нелегалниот пазар во Северна Македонија, како и транспорт на 106 килограми кокаин кој пристигнал од Перу до Ротердам, Холандија, а по пристигнувањето во пристаништето во Ротердам дел требало да биде пренесен во Северна Македонија.Организираната криминална група организирала и неколку транспорти на кокаин од Белгија во РСМ, како и од Албанија во Република Северна Македонија. Во еден случај било организирано пренесување на шест килограми наркотична дрога кокаин од Белгија во РСМ, во два случаи било организирани пренесувања по четири килограми кокаин и во еден случај бил организиран транспорт на еден килограм наркотична дрога кокаин од Република Албанија во Република Северна Македонија, информира Спасовски. 

Криминалната група плановите и договорите за извршување на кривичните дела ги правела преку непосредни контакти или со користење енкриптирани телефони во кои била инсталирана апликацијата „SKY“. мч/аа/

фото: принт скрин 

 

Остани поврзан