• петок, 15 ноември 2024

Со што сè се соочуваат украинските бегалци во САД?

Со што сè се соочуваат украинските бегалци во САД?

3 мај 2023 

Дојче веле - Бон

На почетокот на руската инвазија на Украина во февруари минатата година, Ана (редакцијата и го смени името) била бремена во шестиот месец. Сакала да избега што подалеку и се одлучила за Соединетите Американски Држави.

Два месеци по почетокот на рускиот напад врз Украина, американските власти организираа програма за помош наречена „Обединување за Украина“. Според условите на таа програма, на украинските бегалци им е дозволено да влезат во САД и да останат две години доколку најдат таканаречен спонзор - лице кое е подготвено да понуди домување и финансиска помош. Во првите 12 месеци, 130.000 украински бегалци пристигнаа во САД на овој начин.

Како и десетици илјади украински граѓани, Ана го објави своето барање во групите на социјалните мрежи, каде што Украинците бараат американски семејства да гарантираат за нив. Неколку дена подоцна добила порака од едно семејство во Тенеси.

Искористена за „донаторска кампања“

Кога дошла да живее со тоа семејство во САД, неочекувано се нашла во тешка ситуација. Нејзините домаќини одбија да и помогнат да аплицира за социјална помош наменета за бегалците. Кога конечно добила помош, нејзините домаќини одредиле што и колку може да потроши. Наместо да ја однесат на гинеколошки преглед, инсистирале да се породи дома.

Речиси секој ден морала во некоја црква да им раскажува на луѓе за својата судбина . „Ми беше срам да предизвикам сочувство и да се појавам како маченик“, вели Ана, која исто така едвај зборуваше англиски. Таа додава дека изгледа сакале да соберат пари и да реновираат некој запуштен имот за 20 украински бегалци.

Активисти наоѓаат сигурни куќи за жени

Семејството што ја прифати Ана на својот Фејсбук профил наведува дека неговите членови веќе спровеле јавна кампања за групно финансирање (crowdfunding) пред седум години за „зачувување на историското наследство“. Сега истото семејство започна акција под мотото: „Помогнете им на украинските бегалци да најдат нов дом во Тенеси“

На реновирањето работеше и Ана. „Ми пикнаа алат во рака и ми рекоа дека денеска ќе ги варосуваат или мијат прозорците“, вели таа. Таа не се осмелила да противречи и поради благодарност и поради нејзината целосна зависност од спонзорот.

Односот помеѓу Ана и домаќините се влошувала. Кога нејзините спонзори ја преселиле во недовршени простории без тоалети или топла вода, таа избегала со помош на волонтери во домот за жени и деца во Калифорнија. Со помош на луѓе од таа институција воспоставила контакт со организацијата „Нова Украина“ која им помага на бегалците.

Новинарите на Дојче веле не контактираа со поранешните спонзори на Ана, бидејќи таа се плаши дека ќе и наштетат.

Во САД постои голема подготвеност да се помогне

Тоа што го доживеа Ана секако не е правило, но не е единствената на која вакво нешто и се случило. Друга Украинка, по име Ксенија, исто така најде спонзор - врсничка од Соединетите Американски Држави, која има украинско потекло. По еден месец престој со неа, таа и нејзината двегодишна ќерка останале на улица. Настанала расправија кога Ксенија видела дека нејзината домаќинка станала насилна кон нејзиното дете.

Катја Мојсеева, координаторка на организацијата „Нова Украина“, вели дека во американското општество постои голема подготвеност да им помогне на Украинците и дека многу Американци со најдобри намери се јавуваат да бидат спонзори. Таа објаснува дека за жал се случува луѓето да ја потценат одговорноста што ја преземаат и да не се дораснати на тоа. Така настануваат конфликтите и бегалците мора да бараат ново сместување.

Над 1.200 луѓе, главно жени со деца, побарале помош од организацијата „Нова Украина“ за наоѓање ново сместување. Катја Моисејева вели дека секоја десетта жена била изложена на некаков облик на насилство.

Измама, злоупотреба, проституција

Има и случаи на злоупотреба и измама. Некои од побогатите Украинци се согласиле да платат две или три илјади долари по човек американски граѓани да гарантираат за нив. Откако ги добиле парите, „спонзорите“ исчезнале без трага. Други украински бегалци морале да се обврзат да бидат евтина работна сила - обично во домаќинствата или како старатели за стари лица.

Редакцијата на Дојче веле објави лажен оглас на наводна Украинка која бара спонзор во различни групи на интернет поврзани со програмата „Се обединуваме за Украина“. Во низа групи имаше понуди за работа како ескорт дама: „Ние овозможуваме домување и наоѓаме спонзор“, гласеше ветувањето. Во понатамошната комуникација се покажало дека не се работи за придружба на клиенти туку за проституција.

Дилемата на американските институции

Мартин Мушеид, организаторот на една група која бара спонзори, вели дека редовно брише реклами од граѓани на трети земји како Нигерија. Во тие огласи, на Украинките им се нуди помош во барање спонзор, доколку претстават личност која се појавува како партнер и со него доаѓаат во САД - во американската хуманитарна програма за Украинци, партнерите или сопружниците на Украинците од трети земји можат влезат и во САД.

Имиграциските власти во САД тврдат дека секој спонзор се проверува пред да им се дозволи на бегалците да дојдат. Не е познато колку украински бегалци во САД досега биле изложени на насилство и нелегални активности. Имиграциската служба на САД сè уште не одговорила на прашањата на медиумите  во врска со ова.

Активистите на организацијата „Нова Украина“ сметаат дека сегашната регулатива за признавање на спонзори, ги доведува во дилема американските институции. Од една страна, властите не сакаат да ги заострат прописите, за Американците да продолжат да ги канат Украинците во нивниот дом. Од друга страна, случаите на измама, заплашување и насилство доживеани од бегалците покажуваат дека е потребна подобра контрола. ссм/

фото: ЕПА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан