• недела, 22 декември 2024

Гаши за МИА: И можеме и не можеме да кажеме дека до крајот на декември ќе почне процесот на уставни измени

Гаши за МИА: И можеме и не можеме да кажеме дека до крајот на декември ќе почне процесот на уставни измени

Скопје, 9 ноември 2024 (МИА) - И можеме и не можеме да кажеме. Ако нешто не зависи од нас не можеме да тврдиме дека ќе има или не. Кога ќе има јас се надевам ќе бидам известен и веднаш ќе ја започнеме процедурата, изјави претседателот на Собранието Африм Гаши во интервју за МИА одговарајќи на прашањето дали може да се каже дека до крајот на декември нема да почне процесот на уставни измени во контекст на отворањето на преговорите со ЕУ. 

-Ова прашање има две компоненти. Едната е процедуралната и втората е политичката волја. Што се однесува до првата, Собранието заедно со службите, со Комисијата е подготвено во секое време кога ќе има предлог за уставни промени да ги ставиме на дневен ред, да почне процедурата и да заврши како што е предвидено со Устав и со Деловник. Вториот дел што се однесува до политичката волја тоа е прашање за политичките актери повеќе, лидери на политички партии, на мнозинството или на две третини од пратениците кои треба да ги усвојат тие измени и за тоа не сум претпоставен да одговорам, изјави Гаши. 

Една од најголемите забелешки која со години се повторува во Извештајот на ЕК е бројноста на закони што во Собранието се носат по скратена постапка. Претседателот на Собранието вели дека тие секојдневно им укажуваат на предлагачите на законите односно министрите и Владата дека законите треба да се носат во редовна постапка и за нив да има јавни расправи. Укажува на фактот дека Собранието не ја утврдува постапката како ќе се носи еден закон.

-Прво, сакам да објаснам до граѓаните повеќе дека Собранието не може да го утврди предлогот на закон и која постапка предлагачот ја предлага. Дали Владата, министри, пратеници тој што го предлага законот тој ја опишува и бара да се претресе или да се спроведе постапката по скратена или редовна постапка – значи, предлагачот го опишува тоа и го бара. Ние сме принудени и по Деловник да го почитуваме барањето на предлагачот. Но, што треба да бараме. Токму тоа што вие го рековте, значи ние се обидуваме и со пратениците и со Владата и со министрите да им укажеме дека не е добро да има скратени постапки заради мал милион икс причини. Една од причините е транспарентноста, правната сигурност, информираноста на граѓаните, а од друга страна тоа што ние сакаме како нов состав во Собранието и ново раководство навистина многу ми е битно да имаме повеќе јавни расправи. Тие би можеле да се случат само ако во Собранието имаме време да се разгледаат законите, да ја вклучиме јавноста, експертите, заинтересираните страни за да се дебатира по секој закон кој ќе се носи, вели Гаши.  

Од друга страна, посочува тој, укажуваме дека не се добива многу денови со скратеноста бидејќи седниците се закажуваат многу често и има јасна предвидливост. 

-Се случува понекогаш и со скратена да трае подолго од редовна, замислете. Затоа им објаснуваме на министрите и на Владата дека не е добро да ги праќаат законите по скратена постапка, вели Гаши.

Претседателот на Собранието изрази задоволство дека што на последната седница на Владата имало неколку закони кои од нивна комисија требало да се испратат до Собранието по скратена постапка и им било укажано да ги вратат и ги поднесат по редовна постапка. - Значи, има ефект, ќе има подобрување во тоа, тоа ќе го следиме, вели Гаши.

Како претседател на Собранието ја оценува како одлична комуникацијата со премиерот Христијан Мицкоски и со претседателката Гордана Сиљановска Давкова, додека за односите во владејачката коалиција откако ја презел функцијата прв човек на законодавниот дом се информира од сопартијците и вели дека е многу стабилна.  

-Релациите се коректни, имаат добри односи во коалицијата по тоа што јас го гледам и мислам дека иако се обидуваат другите политички актери или понекогаш јавноста или новинарите да го прикажат поинаку, мислам дека сепак и бројот на пратениците, мнозинството од 78 пратеници само по себе кажува дека мнозинството е стабилно. Мислам дека е многу битно на граѓаните да им дадеме една правна и политичка сигурност која порано не сме ја имале. Граѓаните очекуваат ние да им ги подобриме животните услови, животниот стандард, економијата и тоа се прави само во една стабилна и безбедносна и политичка ситуација. Мислам дека оваа Влада и оваа коалиција тоа го искажува со своето делување и мислам дека како ќе тече времето граѓаните ќе гледаат дека ние сме заложени за имплементирање на нашата програма, а главната цел е да го подобриме животниот стандард и животот на сите граѓани, потенцира Гаши.

Debati i komisionit për Propozim-Buxhetin për vitin 2025 në Kuvend do të fillojë më 14 nëntor, ndërsa seanca plenare për miratimin e tij pritet të caktohet në javën e dytë të dhjetorit, dekla

За постојаните напади од нивниот политички ривал, опозициската ДУИ вели дека не треба да имаме илузии дека партиите кои се во опозиција ќе престанат да зборуваат или нема да ја критикуваат власта. 

-Тоа секогаш ќе се случува. Граѓаните се тие кои ќе ценат на крај што работи власта и што прави опозицијата и дали критиките се на место. Мислам дека имаме висока политичка едукација на граѓаните. Значи, нашите граѓани се многу политизирани, можеби и премногу, можеби и повеќе отколку што треба и затоа се што ќе кажете како власт, како опозиција, како пратеник, секоја критика дали држи вода или не држи вода граѓаните тоа го ценат, рече Гаши. 

Според тоа како тој ја гледа политиката, власта не треба да троши многу време на опозицијата. 

-Во моментот кога добивате доверба од граѓаните да ја водите државата во тој момент вие сте обврзани сите граѓани да ги гледате исто, да им служите на сите граѓани исто и да ја имплементирате програмата за која сте барале гласови. Вие треба да работите со имплементација на програмата, а тие се бават со вас. Ние не треба да се бавиме со опозицијата. Ние треба да се бавиме со нашата работа, да носиме закони квалитетни, да им носиме странски инвестиции, да ги зголемиме платите, пензиите, да носиме нов концепт во образованието, да го подобриме здравството, нови болници, нов клинички центар, нови патишта, автопатишта, тоа е нашата работа, рече Гаши.

Главното што го очекуваат граѓаните, посочува тој, е одговорност бидејќи во изминатите 34 години тоа е нешто на што најмногу потфрламе. Мораме, потенцира претседателот на Собранието, да и ставиме крај на неодговорноста.  

- Можеби тоа е главното нешто што во ова време граѓаните го очекуваат. За овие 34 години ако по нешто најмногу потфрламе тоа е одговорност. Значи, никој досега како се менуваше власта минатите структури не давале одговорност, немало постапки, процеси кои би се решиле објективно низ судските органи, тој кој направил криминал без разлика на неговата припадност партиска, политичка, етничка да одговара за прекршување на законот и мислам дека можеби нешто што најбргу треба да го испорачаме ние како држава во моментов заедно со судската власт нормално ние да обезбедиме аргументи и факти ако нешто не негде е направено, а тоа од судските органи да го спроведат. Мораме да и дадеме крај на неодговорноста. Ова мора да заврши. Затоа граѓаните најмногу ја напуштаат државата според мене. Гледаат дека на кој му текнува го крши законот, се корумпира, се криминализира и потоа продолжува да живее во оваа држава како ништо да не се случило. Тоа мора да престане затоа што имаме многу граѓани кои се достојни граѓани, чесни граѓани, работат чесно, никогаш не прекршиле закон, а некои други кои се богатат врз нивниот грб се криминализираат, корумпираат и никогаш не одговараат. Ако оваа правда не ја донесеме верувајте дека сето друго ќе биде беспредметно, потенцира Гаши. 

Претседателот на Собранието вели дека досегашната комуникација со координаторите на пратеничките групи е коректна, додавајќи дека тоа е двонасочна улица. 

-Досега во функција на добро функционирање на Собранието, мислам дека наоѓаме добар јазик, договараме, разговараме, комуницираме. Нормално е дека имаме разни мислења понекогаш, но битно е дека во делот на координацијата на Собранието, тој дел се одвива во, мислам дека во задоволителен или би рекол, во најдобар можен начин, рече Гаши.

Работата на претседател на Собрание, нагласува тој, се обидува да ја извршува многу чесно, по Устав, Закон и Деловник и непристрасно во него да гледаат човек кој е еднаков кон сите.  

Актуелниот состав на Собранието ја започна својата работа со нов Деловник за работа, документ за чија примена и недоследности веќе има одредени забелешки. Гаши во интервјуто вели дека не треба да имаме илузија дека некогаш би можело да постои некој идеален документ. Се покажа дека Деловникот има недостатоци, но тоа според него, е повеќе работа на политичка и правна интерпретација и политичките партии секогаш ќе го користат заради артикулација на нивните политички ставови. Но, за да се добие подобар и поквалитетен документ се потребни две компоненти. 

-Првата е да има консензуалност и дологотрајна работа. И вториот дел е да биде исконсултирани не само политичките партии, туку и службите во Собранието и тие кои го применуваме Деловникот. Низ процесот на Жан Моне присуствуваше и беше испочитувана првата компонента. Значи процесот беше консензуален, заедно со европратеници, сите политички партии, долго време дискутирано, но не беа земени предвид забелешките на службите, на Собранието. И затоа мислам дека веќе веднаш на почетокот наидуваме на некои различни интерпретации, рече Гаши. 

Претседателот на Собранието смета дека во некои делови Деловникот е подобрен и дека има подобар перформанс од порано, но, според Гаши, нормално е дека секогаш „ќе има мали работи кои поинаку ќе бидат интерпретирани“. 

-Јас би настојувал во иднина, кога ќе се отвори прашањето за промена на Деловник, да биде и консензуален, и да бидат консултирани и службите, и тие кои го применувале, и експертската јавност. И тука постои уште еден трет елемент кој е дополнтелен, а тоа е, како да ви кажам, институиционална меморија и традиција. За жал, досега тоа е оставено на одредени политички функционери во суштина претседатели на Собрание кои своеволно или арбитрарно го имаат толкувано Деловникот во одредени делови. Додека ние во Собранието, не за џабе, сме формирале, и сме предвиделе Комисија за деловнички и имунитети прашања. И таа Комисија никогаш не заседавала, многу ретко. И јас веќе веднаш на почетокот, после овие работи кои веќе ги споманвте со кои наидовме ние на различни интерпетации, колизија на членови во самиот Деловник, испративме писмо на 2 октомври до Комисијата за деловнички прашања да заседаваат и да ги увидат или детектираат точките, рече Гаши. 

На прашањето кога ќе заседава Комисијата, тој вели дека ќе треба да заседава без да прецизира кога ќе се случи тоа. Него, како што потенцира, му е многу битно да не се персонализира функцијата претседател на Собрание. 

-Ниту еден човек не е идеален. Затоа мислам дека треба да градиме институционален пристап кон функцијата претседател на Собрание. Јас тоа се обидувам да го правам од почетокот и за тоа ќе настојувам до крајот на мојот мандат, посочува тој.

Комисиската расправа за Предлог-Буџетот за 2025 година во Собранието ќе почне на 14 ноември, а пленарната седница за негово носење се очекува да биде закажана во втората недела од декември, вели Гаши. 

-Предлог-Буџетот за 2025 година е донесен на 5 ноември. Неколку дена ќе остане во Собрание за разгледување. Комисиската расправа ќе почне на 14 ноември и трае до 30 ноември. Значи по новиот Деловник, веќе е утврден крајот на ноември односно 30 ноември како последен датум кога треба да заврши комисиската расправа. Потоа се носи предлогот до Влада, очекуваме Владата да го дополни предлогот и во втората недела од месец декември треба да биде свикана пленарната седница, која трае пет дена и се надеваме дека во рамки а тие четири - пет дена ќе биде донесен буџетот за 2025 година, изјави Гаши во интервју за МИА.  

До крајот на овој месец Собранието ќе одржи три седници, вклучувајќи ја и седницата за пратенички прашања на 28 ноември, како и комисиската и амадманска расправа за Предлог-Буџетот за 2025 година. 

Со новиот Деловник се предвидени т.н. опозициски прашања, за што Гаши вели дека се надева оти ќе даде нова политичка динамика во однос на одговорноста на Владата кон пратениците и граѓаните. Согласно Деловникот во текот на месецот, кога ќе има седница, треба да има два часа пратенички прашања кои ги поставува само опозицијата. 

- Овој дел два часа пратениците од опозиција ги прашуваат министрите. Со тоа што не е обврзана да дојде целата Влада, туку откако ќе се свика седницата после петиот ден од свикувањето, тие треба да поднесат листа на пратеници кои ќе поставуваат прашања и на кому ќе му постават прашања, за да ги повикаме само тие министри кои имаат прашања. Така да, првите два часа ако секогаш кога во текот на месецот кога ќе имаме седница, тие им бидат обезбедени за пратенички прашања на опозициските партии. Ако се случи да немаме предвидено седница, тогаш ќе биде свикана седница посебно само за тие два часа опозициски пратенички прашања, појаснува Гаши. 

Со Предлог-Буџетот за 2025 година предвидени се 986 милиони денари за Собранието, што според Гаши, тоа е повеќе тековен буџет со кој се покриваат сите трошоци на Собранието, платите на 313 вработени и 120 пратеници. Предвидени се и средства за капитални инвестиции. Следната година, како што вели Гаши, предвидено е да се обнови делот на лаптопи, хардвери, софтвери... затоа што една од главните цели ќе биде дигитализација на Собранието за тоа ќе треба да се подготват и службите и пратениците. 

Според претседателот на Собранието, погрешна е прецепцијата во јавноста дека заминале повеќе вработени од собраниските служби. Се работи, вели Гаши, за 15 работни места, од кои шест се службеници кои заминале во пензија, 

-Службата на Собранието е една од најдобрите, најквалитетните во државата, но секако треба да помогнеме таа уште повеќе да се усоврши. Најголемиот проблем во кој наидовме и го увидовме беше тоа дека им недостасуваат луѓе во одредени сектори. Со тоа веќе се предвидени 50 нови работни места, со новиот буџет ние работни места се предвидени и се надеваме дека така ќе ја заокружиме таа поткрепа од службеници во нашето Собрание, рече претседателот на Собранието во интервјуто за МИА.

Елизабета Вељановска Најдеска 

Фото: Дарко Попов

Видео и монтажа: Аслан Вишко и Срѓан Крстиќ 

 

 

Остани поврзан