• недела, 22 декември 2024

Критичко размислување и проверка на информации - основни алатки за медиумска писменост во ерата на ВИ

Критичко размислување и проверка на информации - основни алатки за медиумска писменост во ерата на ВИ

Скопје, 3 ноември 2024 (МИА) - Медиумската писменост станува клучна вештина за секој граѓанин во денешната дигитална ера. Со развојот на вештачката интелигенција (ВИ), границата помеѓу вистинските и генерираните содржини станува сè потенка, што ја зголемува потребата за критичко размислување и способност за препознавање на автентични информации. 

Во рамките на Денови на Медиумска писменост 2024, кои годинава се одржуваат под мотото „Твојата свесност е најважниот филтер“, МИА се приклучува кон одбележувањето на Глобалната недела на медиумска и информациска писменост со истражување на прашањето како вештачката интелигенција влијае на медиумската писменост и кои се клучните предизвици. За таа цел, разговаравме со неколку експерти на темата кои со нас ги споделија своите сознанија и препораки.

Соговорниците се согласни дека медиумската писменост и едукацијата се клучни за справување со предизвиците што ги носи вештачката интелигенција. Посочуваат дека е потребно да се развијат критичко размислување и навики за проверка на изворите на информации, како и да се постават јасни регулативи за употребата на ВИ, особено во однос на авторските права и заштитата од дезинформации.

Ристовски: Медиумската писменост е од суштинско значење во време на ВИ

Според Борис Ристовски, експерт за интернет и нови медиуми, медиумската писменост е од суштинско значење во време на ВИ, бидејќи граѓаните мора да бидат способни да препознаат што е автентично, а што е создадено од ВИ. Тој нагласува дека ВИ може да помогне во автоматизација на рутински задачи и персонализација на информации, но, исто така, предупредува на опасноста од дезинформации и манипулирани содржини. 

- Во ова време на ран развој на ВИ, човекот има значајна потреба од користење на ВИ алатки за да може да се справи со обемот, но и со брзината со која се генерираат и шират дезинформациите и лажните вести генерирани или потпомогнати од ВИ, исто така. Што се однесува до влијанието на ВИ во медиумите, позитивно е што таа може да помогне во автоматизација на рутински задачи, превод на содржини и персонализација на информации според потребите на корисниците. Особено голем е придонесот на ВИ во истражувачкото новинарство каде со помош на ВИ може да се обработат и најдат поврзаности кај големиот број на достапни вести и информации во многу кратко време. Но, загрижува можноста за создавање дезинформации, манипулирани видеа и слики, и ширење на лажни вести со помош на ВИ со неверојатна брзина и обем, вели тој.

Ристовски предлага едукацијата за медиумска писменост да биде дел од формалното образование и да се организираат работилници и обуки за развивање на критичко размислување и проверка на изворите на информации. Препорачува и да се зајакне соработката помеѓу медиумите, образовните институции и граѓанскиот сектор за подигнување на свеста за медиумска писменост и го посочува вклучувањето на граѓаните во организации и онлајн заедници кои се занимаваат со проверка на факти како можност која ќе придонесе за побрзо ширење и едукација за медиумска писменост.

Сефиданис: Злоупотребата на ВИ треба да биде адресирана на луѓето

Проф. д-р. Анис Сефиданис од Факултет за машинска интелигенција и роботика при Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид објаснува дека ВИ е веќе длабоко вкоренета во нашето секојдневие, со повеќе интеракции со виртуелни агенти отколку со луѓе. Тој истакнува дека предизвиците доаѓаат од содржините што ги креираме ние луѓето и дека злоупотребата на ВИ треба да биде адресирана на луѓето. 

- ВИ е подолго време присутна. Всушност, ние на дневна база имаме повеќе интеракции со виртуелни агенти базирани на ВИ отколку интерперсонална комуникација. Дури и самата комуникација меѓу луѓе е оставена да биде под опсервација, или медијатор помеѓу истата да биде ВИ. Предизвиците доаѓаат од содржините кои ние луѓето самите ги креираме и од кои извира нашата етика, каде што се вклучени сите наши предрасуди и ставови. Така што, секоја злоупотреба на ВИ треба да биде адресирана на луѓето, вели тој.

Дополнува дека вештачката интелигенција (ВИ) е глобално достапна и сѐ уште е во рана фаза на развој, без соодветна регулаторна рамка. Ризикот од оваа експоненцијална технологија, како што вели, лежи во нејзината способност да биде рекурсивна и да креира нови форми. 

Сефиданис верува дека едукацијата е клучна за заштита од дезинформации и дека е важно да се постават етикети на системите кои користат ВИ за да бидеме свесни дека комуницираме со машина, а не со човек. 

- Дисеминација на лажни вести не е инхерентна на ВИ. Таа потекнува од намерата на човекот. Така што, соодветна едукација, во однос на како се идентификуваат извори на вести, критичко размислување, евентуално идентификација на содржини кои се генерирани од страна на ВИ може да помогне и засега тоа е главно пракса во современиот свет, да се постават етикети на секој систем кој користи ВИ за да можеме да бидеме свесни дека разговараме со машина, а не човек, дополнува тој. 

Хенке: Неопходна е регулација на употребата на ВИ во однос на авторските права 

Ханес Хенке, експерт од СР Германија, вештачка интелигенција и авторски права нагласува дека треба да правиме разлика помеѓу обука на ВИ системи и нивната употреба. Тој истакнува дека провајдерите на ВИ системите користат дела на други автори и дека е потребна дискусија за финансиската вклученост на авторите во процесот на обука.

- Треба да правиме разлика помеѓу две перспективи, едната е обука на ВИ системи. Мораме да ја подигнеме свеста дека провајдерите на ВИ системот ги користат делата на други автори, а прашањето сега е дали авторите треба да бидат финансиски вклучени во процесот на обука на ВИ системи. Има дискусија за тоа. Другата перспектива е во однос на употребата на ВИ. Прашањето е на пример, ако новинарот работи со ВИ, создава статии со ВИ, може да постои ризик од одговорност, бидејќи може да има копирање заштитени дела. Мислам дека ова се две главни теми на ВИ и авторските права во моментов, вели тој.

Хенке, исто така, предупредува на ризикот од одговорност при употреба на ВИ за создавање содржини, особено во однос на авторските права. Тој верува дека е потребна регулација и дека ЕУ веќе работи на оваа област. 

- Во моментот има огромна дискусија, особено во ЕУ и Германија. Законот за авторски права во голема мера се базира на законот на ЕУ. Имаме одредба во законот за авторски права на ЕУ веќе три години. Но, прашање е дали ова е сè уште одредба за текст и рударење податоци, и дали оваа одредба се однесува на обука на ВИ системот. Тој процес е во тек. Во моментот можеме само да продолжиме со дискусијата, да ги ставиме сите аргументи заедно и да најдеме решение, посочува Хенке.

Ристовски вели дека во Северна Македонија, медиумската писменост и нејзината правна регулација се покриваат главно преку регулативи за медиуми и образование, со цел да се заштитат граѓаните од дезинформации и манипулации за да се поттикне свеста за критичко размислување. 

- Регулативата сè уште не е доволно развиена за да одговори на предизвиците што ги носи ВИ во медиумскиот простор. Потребно е да се донесат нови закони и регулативи кои конкретно ќе се осврнат на употребата на ВИ во медиумите, особено во делот на заштита на авторски права и одговорност за генерирани содржини. Добро би било да се погледнат примери од Европската Унија, која веќе работи на регулирање на оваа област. За жал, имплементацијата на регулацијата се движи многу поспоро отколку употребата на ВИ во негативен контекст во нерегулираниот медиумски простор, вели тој.

Медиумската писменост во ера на вештачка интелигенција е од клучно значење за заштита од дезинформации и манипулации. Едукацијата и критичкото размислување се основни алатки за препознавање на автентични информации и заштита од злоупотреба на ВИ. Потребна е соработка помеѓу медиумите, образовните институции и граѓанскиот сектор за подигнување на свеста и развивање на медиумската писменост. Регулацијата на употребата на ВИ во медиумите е, исто така, неопходна за заштита на авторските права и одговорност за генерираните содржини.

Ангела Рајчевска
Фото: Фрипик
Видео и монтажа: Аслан Вишко

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан