• недела, 19 мај 2024

Советот на Општина Виница го избра Даниел Трајчев за командир на Полициската станица

Советот на Општина Виница го избра Даниел Трајчев за командир на Полициската станица

Виница, 13 февруари 2024 (МИА) – Нов командир на Полициската станица од општа надлежност во Виница ќе биде Даниел Трајчев, помлад инспектор за недозволена трговија со дрога и оружје во Надворешната канцеларија за криминалистички работи. За неговиот избор гласаа мнозинството советници на денешната вонредна итна седница на Советот на Општина Виница, на која се разгледуваше листа од тројца кандидати, предложени од Министерството за внатрешни работи.

Во образложението за потребата од одржување итна седница, претседателот на Советот, Ацо Ѓорѓиевски нагласи дека истекува рокот за избор на командир пред почетокот на претстојните парламентарни и претседателски избори.

-Редовната седница на Советот ќе се одржи на 29 февруари и тогаш ќе биде предоцна разгледувањето на добиената листа со кандидати, предложена од министерот Панче Тошковски. Ќе има избори и не сакаме Полициската станица подолго време да биде без командир. Претходната листа, на која имаше кандидати од Штип и Кочани, во декември минатата година не доби поддршка, за што го известивме Министерството, затоа што сметаме дека заслужуваме да имаме командир од нашата општина, истакна претседателот Ѓорѓиевски.

Членовите на опозициската советничка група, предводена од СДСМ, побараа да бидат изземени од гласањето, со образложение дека новата предлог листа е потпишана само од техничкиот министер за внатрешни работи, но не и од дополнителниот заменик министер.

-Во услови на техничка влада, без врзан потпис на техничкиот и дополнителниот заменик министер, на еден ден пред закажување на парламентарните избори, да се свикува итна вонредна седница на Советот за избор на командир не е во ред и не сакаме да учествуваме на истата. Сметаме дека ваква функција не треба да биде политизирана, особено во услови кога треба да се одржат фер и демократски избори, во интерес на сите граѓани, истакна Ацо Митев, член на опозициската советничка група.

При гласањето за избор на нов командир на Полициската станица, кандидатурата на Трајчев доби мнозинска поддршка од присутните на седницата, четворица советници беа изземени од гласање, а тројца беа отсутни. та/цр

 

Фото: МИА

Остани поврзан