• понеделник, 24 јуни 2024

Собранието го одбележа Светскиот ден на бегалците

Собранието го одбележа Светскиот ден на бегалците

Скопје, 24 јуни 2024 (МИА) - Собранието во соработка со УНХЦР денеска го одбележа Светскиот ден на бегалците, 20 јуни, со настан што го отвори претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши.

Во своето воведно обраќање, Гаши истакна дека оваа година се одбележуваат 30 години од ратификацијата на Конвенцијата за статусот на бегалците на Обединетите Нации, но и цели три децении од формирањето на Канцеларијата на Високиот комесар за правата на бегалците во нашата држава.

Според него, Законодавниот дом секогаш ќе биде отворен и ќе има позитивен пристап за сите иницијативи кои значат унапредување на човековите права и подобрување на условите за живот, но и на можностите за развој на сите кои поради одредени причини, се нашле во таква незавидна ситуација, да бидат луѓе без дом, без огниште, далеку од сопствената татковина.

-Особено сум горд што државата покажува голема емпатија. Демократскиот свет има обврска да не дозволи бегалците, бегајќи од суровоста на војната, суровоста на конфликтите, на меѓуетничката, верска или каква било друга форма на нетрпеливост да го изгубат достоинството, да ги изгубат основните човекови права, како што се образованието, здравствената заштита, социјалната сигурност..., истакна Гаши.

Претседателот на Собранието нагласи дека во изминатиов период, благодарение на интензивната соработка на Собранието со УНХЦР, преку измените на Законот за матична евиденција и Законот за странци и нивна практична имплементација, се реши ситуацијата со лицата без државјанство, со што се надмина проблемот за над 700 граѓани.

Претставникот на УНХЦР во Република Северна Македонија, Габриел Гуалано де Годој, ја пофали работата на Собранието, но и на државните институции во целина за надминување на проблемот за лиицата без државјанство, но упати и посебна благодарност за пристапот на земјата кон бегалците од Украина. Потоа следуваше дискусија „Навигација низ законодавните предизвици и перспективи: Улогата на Парламентот во градењето стратегии за ефикасни системи за азил и засилена поддршка барателите на азил и бегалците“, на која учествуваа пратеници од Собранието на Република Северна Македонија. мч/дма/

фото: Собрание на РСМ

 

Остани поврзан