• недела, 22 декември 2024

СКСЗМ: Владата ги казнува бизнисите со солидарен данок и ги замрзнува намалените цени

СКСЗМ: Владата ги казнува бизнисите со солидарен данок и ги замрзнува намалените цени

Скопје, 20 септември 2023 (МИА) - Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) реагира на последната владина одлука за поевтинување на основните прехранбени производи, како и на донесувањето на Законот за данок на солидарност.

Комората апелира претседателот на државата да не го потпише указот за прогласување на Законот.

-СКСЗМ постојано лобираше и работи против предложениот Закон за данокот за солидарност, нагласувајќи дека овој Закон е непринципиелен, не се заснова на никаква релевантна анализа и апелира до сите надлежни институции да рефлектираат и да најдат алтернативни начини за ублажување на последиците од кризата. Но, и покрај сите реакции на СКСЗМ, Собранието го изгласа законот по брза постапка, со што уште еднаш се докажува дека правната сигурност на компаниите во Република Северна Македонија никогаш не е загарантирана и дека успешните компании кои работат прописно, придонесуваат во економскиот развој на земјата и кои се воедно најголемите даночни обврзници ќе бидат казнети за нивниот успех и поради лошото управување со кризата од страна на институциите, наведува Комората.

Според Комората, со овој Закон кој се применува ретроактивно, домашните компании не само што ќе бидат казнети со големи суми и нема да можат да ги реализираат планираните инвестиции, туку ќе бидат дестимулирани да работат на раст и развој во следните години што може дополнително да ја поттикне неформалната економија.

-Тоа ќе претставува и голем товар за компаниите бидејќи средствата што ги стекнале порано, компаниите веќе ги имаат инвестирано, што значи дека овој закон ќе ги стави во лоша положба во следните години, компаниите опфатени со Законот. Апелираме до претседателот на Република Северна Македонија да го земе предвид барањето на СКСЗМ испратено претходно и да не го потпише указот за прогласување на Законот за данокот за солидарност, нагласува Комората.

СКСЗМ оценува дека и Одлуката за поевтинување на производите за 10 проценти е многу штетна за компаниите.

-Слободната пазарна економија е доведена во прашање со многубројните интервенции на Владата, со што се стимулира сивата економија, а во меѓувреме целите на нашата земја се нејзино елиминирање, но и промовирање на слободната конкуренција. При донесување вакви одлуки, потребно е привремено да се укинат даноците или царинските стапки за да се избегне недостатокот на тие производи на пазарот, но и да се заштитат домашните производители. При намалувањето на цените на овие производи, квалитетот на производите е загрозен, со што домашните производители ќе мора да работат со загуба, наведува СКСЗМ.

Комората апелира до сите институции, спроведувањето на ваквите одлуки и закони да не се прави без релевантна и детална анализа на пазарот, бидејќи последиците од нивното донесување, предупредува, ќе бидат многу големи. мч/лв/

фото: МИА архива

Остани поврзан